• сабота, 23 ноември 2024

Здружението на просветните работници од Куманово бара повлекување на новата концепција за основно образование

Здружението на просветните работници од Куманово бара повлекување на новата концепција за основно образование

Куманово, 27 ноември 2023 (МИА) - Кумановските просветни работници бараат повлекување на новата концепција за основно образование како и итно печатење на учебници, соопштија денеска надлежните од Здружение на просветни работници – Куманово.

Според надлежните концепција за основно образование не е донесена врз темелна анализа на образовните состојби, условите во кои се реализира процесот, опременоста на училиштата, реалните потреби на учениците.

- Јавноста ја информиравме и пред два месеци, сега се донесени заклучоци и барањето е доставено до повеќе институции, минатиот четврток. Според Законот за учебници, член 2 Учебник, во смисла на овој закон, е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование. Според овој член секое дете има правно на учебник. Состојбата не е таква, недостасуваат учебници од почетокот на учебната година. Сметаме дека МОН треба да обрне внимание, изјави претседателката на Здружението на просветни работници, Анита Димовска.

Како што објаснува и професорите и родителите и учениците сведочат на искинати страни, без корици, учебници кои не можат да се користат. Учениците се принудени  да позајмуваат, да фотокопираат.

-Новата концепција е избрзана не е донесена врз база на темелна анализа, врз состојбите во кои се спроведува наставата. Не треба да се избрзува со проформа реформа, врз база на искуства од други држави каде состојбата е сосема поинаква. Од такви практични причини треба да се задржи работа според старата концепција, изјави Димовска.

Кумановското здружение барањето за целосно повлекување на новата концепција за основно образование и итно печатење учебници по наставните планови и програми до 2020 година го упатиле до Министерство за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Народниот правобранител, Секторот за образование – Куманово, Државниот просветен инспекторат и Комисијата за спречување на дискриминација. Од Здружението очекуваат одговор во текот на неделава. ам/


Фото: МИА

 

 

Остани поврзан