• петок, 05 декември 2025

Здружението „Кочански рибар“ почна проект за промоција на спортскиот риболов меѓу младите

Здружението „Кочански рибар“ почна проект за промоција на спортскиот риболов меѓу младите

Кочани, 17 јуни 2023 (МИА) – Спортско-риболовното здружение „Кочански рибар” денеска го почна проектот „Спортскиот риболов еликсир за младите“, чија цел е развивање на спортскиот дух кај младите, промоција на риболовот како спортска дисциплина и проширување на можностите за алтернативен туризам во општина Кочани.

Проектот се реализира во соработка со Здружението на Роми „Авена“ од Кочани, а вклучени се 20 ученици од основното и средното образование. До крајот на декември ќе се реализираат повеќе активности и обуки за спортски риболов на тапа и фидер техника, како и за заштита и облагородување на риболовните води, флората и фауната на неколку локации во општината.

- За првпат имаме можност организирано да ги едуцираме и вклучиме младите во тајните на спортскиот риболов, кој во светски рамки зема сè поголем замав. Спортот и престојот во природа е единствениот начин за борба и превенција од технолошката зависност, а преку едукативни активности и натпревари во риболов, младите ќе го развијат тимскиот дух и ќе ја осознаат благородноста на овој спорт преку мотото „фати, фотографирај и врати во вода“. Активностите ќе ги реализираме на браната Гратче, на Кочанска Река, Прибачевска Бара, како и на Голема Река, каде е планирано и дводневно логорување. Ќе се реализираат и неколку еко-акции, ќе се оформат нови риболовни позиции на Гратче и Прибачевска Бара со изградба на натстрешници и пристапна патека до места за риболов за лица со попреченост, истакна Ивица Јорданов, претседател на здружението „Кочански рибар“.

Во рамки на проектот ќе се организираат индивидуални и екипни натпревари, а најдобрите до 15-годишна возраст ќе бидат дел од тимот учесник на државниот натпревар во риболов на тапа - слободен стил, во категоријата У15.

Проектот ,,Спортскиот риболов еликсир за младите” се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансиски поддржан од фондовите на ЕУ и Општина Кочани, а се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).та/вј/

фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан