• понеделник, 25 ноември 2024

„Здрав оброк за секое дете“: Во градинките испорака на 175 500 килограми домашни праски, наредните месеци сливи, круши и јаболка

„Здрав оброк за секое дете“: Во градинките испорака на 175 500 килограми домашни праски, наредните месеци сливи, круши и јаболка

Скопје, 24 јули 2023 (МИА) - Вкупно 90 000 килограми домашни кајсии се дистрибуирани до градинките низ земјава во рамки на кампањата „Здрав оброк за секое дете“ што почна минатата недела. Од денеска, кампањата продолжува со испорака на 175 500 килограми домашни праски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски ја посети градинката „Орце Николов“ во општина Карпош. Николовски и Бачовски на дечињата им поделија пакетчиња со еден килограм здрава ужинка, домашни македонски праски, а учествуваа и во работилниците за здрава храна, приготвувајќи здрави оброци.

Проектот „Здрав оброк за секое дете“ се реализира втора година по ред, преку Програмата на МЗШВ за поддршка на откупот за овошје, зеленчук, млеко и млечни производи произведени од нашите земјоделци. Согласно проектот, секое запишано дете во градика, еднаш неделно добива по еден килограм македонско овошје, кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа.

Оваа година со проектот се опфатени сите градинки низ државата или вкупно 38 000 деца. Тие, како што наведува МЗШВ,  јадат проверено и безбедно домашно овошје, а целиот процес се води под строг мониторинг на Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Во текот на овие две недели до градинките ќе бидат дистрибуирани 175 500 килограми праски, а потоа следува дистрибуцијата на 168 000 килограми сливи и на крај, заклучно со декември, ќе се поделат 74 000 килограми круши и 370 000 килограми јаболка - сите домашни, македонски, од прва класа и произведени во нашите овоштарници, од нашите земјоделци. Годинашната Програма за откуп на овошје е продолжение на она што го почнавме минатата година, но сега со двојно поголем буџет. За оваа година издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880 000 килограми овошје прва класа, свежо сезонско, опфаќајќи 38 000 дечиња од сите градинки во државата, наваедува МЗШВ. мч/нд/
 

 

Остани поврзан