• сабота, 23 ноември 2024

Зголемен е опфатот на корисници за проектот „Народна кујна“ во Куманово

Зголемен е опфатот на корисници за проектот „Народна кујна“ во Куманово

Куманово, 1 август 2024 (МИА) - Проширен е списокот на корисници на услугата бесплатен оброк, која општина Куманово ја обезбедува за ранливите категории граѓани, соопштија денеска надлежните од секторот за социјална заштита. Опфатени се дополнителни 32 корисници, така што во моментов ја користат 105 кумановци. Оброкот го добиваат во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.

-Општина Куманово ја прошири мерката остварување право на народна кујна за ранливи категории на граѓани, согласно надлежностите во програмата за социјална заштита на секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Покрај оствареното право на користење  оброк на вкупно 73 граѓани, од денес бројot на корисници ќе биде зголемен и ќе изнесува 105 граѓани. За сите подносители на барања кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, ќе биде истакнато известување во просториите на ЈУОУД „Професор Мијалковиќ“ – Куманово. Јавниот повик за остварување на право на народна кујна продолжува и ќе трае до крајот на 2024 година, објави градоначалникот Максим Димитриевски.

За мерката првично беа пријавени 250 лица, но поради недостаток на документи не можат да ја користат. Секторот за социјална заштита работи за да се надмине овој проблем.

-Гледаме на секој начин да помогнеме на сограѓаните, помагаме и при вадење на потребната документација. Овде станува збор за граѓани кои живеат на работ на егзистенција. Придонесуваме оваа мерка да се реализира согласно нашите обврски што ги имаме на програмата за социјална заштита, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за социјална заштита. 

Во работните денови има топол оброк, готвена храна, за време на викендите се делат пакети со храна. Интенција на општината е до крајот на годината за мерката бесплатен оброк за сите да биде искористен вкупниот предвиден буџет од 5,4 милиони денари. ам/хс/

Фото: МИА / Општина Куманово

Остани поврзан