• понеделник, 23 декември 2024

Зголемени цените на водата за пиење и другите услуги на ЈКП „Стандард“-Дебар

Зголемени цените на водата за пиење и другите услуги на ЈКП „Стандард“-Дебар

Дебар, 20 април 2023 (МИА) - Корисниците на вода за пиење и услугите што ги добиваат од Јавното комунално претпријатие „Стандард“-Дебар, за април ќе добијат повисоки сметки, откако Советот на Општината даде зелено светло на барањето на претпријатието за зголемување на цените. 

-Нашето барање го изгласаа советниците на последната седница и ќе се применува од овој месец. За метар кубен вода граѓаните од април ќе плаќаат по 19 наместо 17 денари, како до сега. За правни субјекти метар кубен вода ќе биде поскап за шест денари и ќе чини 38 денари. Нови цени има и за собирање и транспорт на смет. Со оваа одлука семејствата наместо два денари за квадратен метар ќе плаќаат по 2,6 денари, изјави Бурим Каба, директор на претпријатието. 

Додава дека водата за пиење, со која се снабдуваат корисниците од водоводот Росоки-Дебар, е со највисок квалитет во земјава, а посочува, плаќаат најниска цена. И сегашната цена од 19 денари за метар кубен, според него, е многу пониска во однос на сите други општини во земјава. 

-Одржувањето на водоводот чини многу, но нудиме цена која е многу ниска и поради стандардот што го имаат граѓаните. Зголемувањето на цената на услугите, како што е собирањето на отпадот и транспортот до градската депонија се должи на зголемените трошоци. Секако и градската депонија бара многу материјални средства за нејзино одржување. Впрочем, поскапувањето е многу мало во однос на услугите што ги добиваат корисниците, вели Каба. 

Очекува зголемените цени позитивно да влијаат на подобрување на финансиската состојба на претпријатието, заедно со зголемениот процент на наплата што е забележан во последните месеци, откако претпријатието почна со доставување пријави во судот и даде можност заостанатите долгови да се намируваат на рати. вт/вг/

 

Фото: ЈКП Стандард

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан