• петок, 22 ноември 2024

Зголемена зависноста на ЕУ од увоз на руски вештачки ѓубрива 

Зголемена зависноста на ЕУ од увоз на руски вештачки ѓубрива 

Брисел, 12 јануари 2024 (МИА) – Вкупниот увоз на азот во ЕУ во периодот јули 2022-јули 2023 е зголемен за 34 проценти во однос на претходните 12 месеци, а на уреа за 53 проценти, при што по околу една третина од увезените суровини за производство на вештачки ѓубрива потекнуваат од Русија, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат. 

Според извршниот директор на норвешката хемиска компанија „Јара“, Свејн Торе Холсетер ваквите податоци укажуваат дека Европа е повеќе зависна од Русија во производството на храна, со што енергетската зависност од пред руската инвазија врз Украина ја замени со зависност од ѓубрива.  

- Јасно видовме како Русија ги користи вештачкото ѓубриво и храната како оружје. Затоа не треба да бидеме наивни за тоа што може да се случи следно. Не треба да бидеме изненадени ако имаме шокови, смета Холсетер. 

Како што јави допсиникот на МИА од Брисел, тој потенцира дека Европа успеа за кратко време да ја намали енергетската зависност од Русија, за што огромна цена платија домаќинствата и индустријата. 

- Би бил многу загрижен ако сонуваме и за вештачкото ѓубриво да го повториме истото што го правевме и го правиме со енергијата, додаде Холсетер. 

Според него, зголемениот увоз на ѓубрива од Русија и од други делови на светот има последици и врз животната средина во Европа, бидејќи тие имаат за 50 до 60 отсто поголем јаглероден отпечаток од европските ѓубрива. 

Тој смета дека 2024-та ќе биде „клучна година“ за дефинирање на следната деценија во земјоделството, што ќе зависи од мерките што ќе ги преземе ЕУ. Според Холсетер, ЕУ треба финансиски да ги стимулира земјоделците да „прават еколошки избори“ при производството на храна, но и да воспостави „предвидлива рамка за финансирање“ на индустријата, по примерот на САД, како поддршка во спроведувањето на зелената транзиција.  

Дополнителен проблем од еколошки аспект претставува и тоа што производството на ѓубрива е енергетски интензивно и во голема мерка зависно од фосилните горива. 

Според експертските проценки, за префрлање на производството на ѓубрива во ЕУ од фосилни на биогорива ќе бидат потребни 15 до 20 години, што ќе треба да биде пропратено и со дополнителни стимулации. 

Во контекст на ваквите податоци, на иницијатива на Летонија на дневниот ред на следниот состанок на министрите за земјоделство на земјите членки на ЕУ, закажан за 23 јануари, ставена е и точка за дебата за „санкции за увоз на руски земјоделски производи“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан