• понеделник, 13 јануари 2025

Зборовите и речениците имаат огромно влијание врз односите

Зборовите и речениците имаат огромно влијание врз односите

Сиднеј, 13 јануари 2025 (МИА) - Комуникацијата е основата на секоја квалитетна врска, а начинот на којшто ги избирате зборовите може да има огромно влијание врз односите, без разлика дали се работи за пријателство, партнерство или за семејството. Според австралискиот психолог Лахлан Браун, одредени фрази го продлабочуваат меѓусебното разбирање, ја зајакнуваат довербата и негуваат чувство на поврзаност.

- Едноставните, но важни реченици можат да го преобразат начинот на градење и одржување на врските, а меѓу нив се издвојува фразата „Те ценам“. Таа не е само израз на благодарност, туку и признание за вредноста на една личност во вашиот живот. Кога некому ќе му кажете дека го цените, ја нагласувате неговата важност и напор, што го зајакнува чувството за поврзаност и меѓусебно почитување, изјави Браун за „Хек спирит“ (Hack Spirit).

Со фразата „Те разбирам“, пак, се покажува сочувство и емпатија со тоа што ѝ се дава до знаење на личноста дека си тука за неа / него без осудување или наметнување совети.

- За време на разговорот, честопати не е потребна акција, само чувство дека личноста е разбрана и поддржана, советува психологот.

Натаму, со тоа што ќе прашате „Како можам да помогнам“, се вели, ѝ давате на личноста можност да го изрази она што ѝ / му треба, наместо да претпоставувате како треба да ја / го поддржите.

- Отворениот разговор создава простор за вистинска поддршка и ја покажува вашата вистинска загриженост. Од друга страна, пак, искреното кажување на зборовите „Жал ми е“, е клучно за изгладување на односите и градење доверба. Прифаќајќи ја одговорноста за своите постапки, покажувате зрелост и подготвеност да ја зацврстите врската, додаде Браун.

Исто така, кога ќе му кажете на партнерот / партнерката - „Кажи ми повеќе“, покажувате дека сте заинтересирани за неговите мисли и чувства, што исто така, води до подлабока и подобра комуникација.  си/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан