• недела, 22 декември 2024

Пендаровски за МИА: Реалните анкети покажуваат дека мнозинството граѓани се задоволни од претседателскиот кабинет изминативе пет години

Пендаровски за МИА: Реалните анкети покажуваат дека мнозинството граѓани се задоволни од претседателскиот кабинет изминативе пет години

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - Стево Пендаровски, актуелен шеф на државата, кој се трка за уште еден петгодишен мандат на претстојните претседателски избори во интервју за МИА вели дека зад себе има мандат без дамки и смета дека тоа го препознаваат мнозинството од граѓаните. Тој учествува на изборите, како што посочува, не само за да биде дел од трката, туку за да победи и појаснува дека ова го изнесува врз основа на реакциите кои ги добил од граѓаните, а не „врз основа на анкетите, кои ги спомнува господинот Мицкоски“. Вели реалните анкети покажуваат дека македонските граѓани во мнозинство се задоволни од она што се случувало во претседателскиот кабинет изминативе пет години.

Последните случувања во врска со обвинувањата на партијата што го поддржува СДСМ, дека ВМРО-ДПМНЕ нарачува и пласира лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, ги манипулира граѓаните и злоупотребува медиумите, на што ВМРО-ДПМНЕ одговори со најава за тужба, Пендаровски ги коментира како првите знаци на нервоза кај лидерот на главната опозициска партија.

А во врска со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за фалсификување документ, зад кое стојат Ковачевски и Пендаровски, заедно со израелскиот медиумски стратег Асаф Еисин, Пендаровски вели дека тој нема поим за каков документ станува збор, ниту учестувал во такво нешто, ниту му паѓа на памет тоа да го стори, а за Израелецот вели дека го видел еднаш во животот и дека со него нема никаков договор. 

-Знам дека излезе, меѓутоа не знам колку е автентичен тој документ. Не знам. Значи, ниту сум имал удел во таква работа, ниту ми паѓа на памет да го работам тоа. Она што го знам јас во делот на анкетите и тоа се анкети кои главната опозициска партија нема многу мерак да ги кажува во јавноста дека анкетите се сосема обратни од онаа позиција, ситуација и бројки кои тие ги соопштуваат на македонската јавност. Значи, нивната позиција и како партија за парламентарните избори, но и позицијата на нивниот кандидат за претседател воопшто не е сјајна. И веројатно на тоа се должат овие неверојатни конструкции кои јас мислам рационален човек при здрава свест не би можел да ги направи ни да сака. Значи, израелскиот, тој експерт што го спомнуваат јас сум го видел еднаш во животот како дел од многуте фирми ПР-експерти, кои работат во таа област, кои ги нудат своите услуги. Беше, замина, со кого имал договори претходно не знам. Со кого ќе има од денес натаму не знам. Меѓутоа, со мене нема никаков договор кажав јасно и гласно. За сето време на мојот мандат пари од буџетот на претседателот нема да бидат дадени за анкети, за пропаганда, за плаќање какви било експерти. Така што со тој човек никогаш не сум потпишал, ниту имам намера да потпишам каков било документ, ниту да му давам пари на црно. Просто, јас тоа не го правам. Меѓутоа, не сум сигурен дека главната опозициска партија особено на изборите 2020 не го правеше тоа баш со истиот човек, нагласи Пендаровски.

Смета дека мали ќе бидат разликите меѓу првите двајца кои ќе влезат во вториот круг, а во однос на прашањето чии гласови очекува доколку влезе во вториот круг, нагласува дека не верува во т.н. пренос на гласови.

-Никогаш не сум верувал во таа работа. Значи, дури и да имате вие најдобра намера мене да ми ги дадете вашите гласови од прв круг или обратно, не верувам дека тоа можете да го направите бидејќи низ 33-34 години како независна држава мислам дека македонските граѓани созреаја во таа смисла, дури мислам за 99 отсто од нив кога така би им се обратиле би сметале дека ги навредувате. Тие многу добро знаат за кого би гласале или едноставно би апстинирале, изјави Пендаровски.

Во однос на тоа како ќе ги убеди граѓаните дека токму тој е вистинскиот избор нагласува дека неговиот политички профил е познат многу години наназад и смета дека ретко кој во историјата на македонската политика бил комплетно транспарентен во тоа што го правел.

-Нема ден да помине, а да нема граѓани во мојот кабинет или јас да отидам негде надвор од кабинетот да разговарам со луѓето пред камери, се разбира. Навистина мислам дека нема потреба дополнително некого да убедувам да речам – ама не ме знаете, сепак јас да ви кажам уште нешто. Мислам дека навистина се’ сум кажал. Во изминативе пет години, тоа го кажав и на некои собири со граѓани вчера, завчера, имам поминато 80 илјади километри низ Македонија. Значи, не сум бил затворен во кабинет. Напротив, сум одел да ги видам граѓаните таму кај што работат, творат, таму кај што живеат и оние кои се во мизерни социјални услови и оние кои имаат повеќе и млади и стари и секакви. Навистина не чувствувам потреба дополнително некого да убедувам, бидејќи ги имате сите факти пред очи. Ги имате сите факти на лице за или против или да бидете пасивни, тоа е ваше демократско право, порачува Пендаровски.

Во однос  на претседателката фунција и согласно неговото петгодишно искуство и дали смета дека се потребни некакви модификации, Пендаровски на став дека улогата на претседателот според Уставот е добро и избалансирано поставена во однос на другите битни витални институции, особено во однос на владата.

-Прво, неспорно е дека претседателот е во таа смисла, во политичка смисла, послаб според надлежности и според реална политичка моќ во однос на владата, неспорно е дека премиерот е посилна политичка фигура независно од неговото име, независно од името на претседателот. Меѓутоа, постои во неколку витални сектори, на пример надворешна политика, одбрана и безбедност постои преклопување на надлежности и вам како на претседател ако знаете тоа да го правите, да го користите ви дозволува да се чуе вашиот глас и на крај во финалниот продукт дали е тоа закон или кадровско решение да имате и вие извесна помала или поголема партиципација. Значи, не е точно дека претседателот е само оној, кој аминува тоа што владата предлага и во однос на амбасадорите и во однос на некои други позиции во делот на одбраната и безбедноста вели Пендаровски.

Во однос на барањата на албанските партии шефот на државата да се бира во Собрание, Пендаровски вели дека не се согласува со тој став и оти претседателот со сегашните надлежности, кои извираат од директен избор од граѓаните има многу поголема морална сила или поткрепа. 

За тоа дека најчесто на претседателските се гледа како на продолжена рака на партијата што го поддржала одговара дека е илузија ако некој мисли дека и во најголемите демократии во светот победуваат само чисто независни кандидати, независно од етаблирани и традиционални политички партии. Нагласува дека е потребна поддршка од некоја од големите партии, но и од граѓанскиот сектор, индивидуалци, од луѓе кои не се врзани со ниту една политичка партија.

-Така што, не мислам треба сега партиите да ги укинеме или да ги ставиме на страна затоа што станува збор за претседател кој треба да биде претседател на сите граѓани. А дали ќе биде понатаму зависи од личноста. Колку вие независно од тоа кој ве бирал и ве гласал ќе бидете независни и во однос на него. Јас на тоа инсистирам, конечно и покажав со сосема конкретни акти – вратив неколку закони, поставив вето на закони кои беа изгласани од парламентарното мнозинство кој мено мене ме поддржуваше, и сега ме поддржува после пет години. Така што не мислам дека е тоа хендикеп. Мислам дека треба само добра поставеност на претседателот, јасен концепт и визија за тоа што е добро за граѓаните не само за партиите и суспензивното вето ви го даваат, минимум суспензивното вето ви го дава тоа право и таа привилегија, смета Пендаровски.

Но сепак тој не го искористи тоа право на вето во однос на измените на Кривичниот законик, кои пак предизвикаа реакции во јавноста и доведоа до застарување на голем број предмети од кои повеќето отворени од поранешното СЈО. Некои овие измени ги нарекоа тивка амнестија. А зошто не го искористил правото на вето во овој случај, Пендаровски вели информациите  што ги имале од Парламентот биле дека сигурно има и премолчена согласност на опозицијата и оти токму опозицијата направила кворум. Додава дека и власта и опозицијата биле согласни дека такво нешто треба да се усвои. 

На забелешките дека со овие измени се овозможи застарување на многу предмети, се загуби надежта во борбата против корупцијата, Пендаровски вели дека негова главна теза била дека предметите застаруваат поради тоа што судиите ги држат во фиока и не сакаат да судат по нив.

-Мојата главна теза беше дека предметите застаруваат затоа што судиите ги држат во фиока и не сакаат да ги судат. И дадов неколку примери во јавноста. Значи, вие имате еден застарен случај, мислам е стар за јавноста случај „Маџар Телеком“. Дванаесет и пол години беше суден немавме ни првостепена пресуда. Имавме предмети од т.н. СЈО на времето кои беа судени по седум или осум години, немаа правосилна пресуда. И сега ако мислите дека уште седум или 77 години да им дадеме на тие и такви судии дека ќе го завршат предметот се лажеме сите ние. Притисокот беше дајте да им кажеме ова ви е рокот, а оној кој тоа го крие или не сака да постапува значи дека или е корумпиран или е жестоко притиснат од централата, економска или политичка моќ и треба да сноси санкции. Таквите судии не смеат да бидат повеќе судии. Тоа беше целта, идејата, тоа беше резонот. Инаку, ниеден предмет не е застарен и после два три месеци, да речат само што почна ти не им даде шанса заради, односно парламентарното мнозинство не им даде шанса. Не постои предмет кој е застарен, а да не е минимум од 2015 или 2016. Септември 2015 беше направено СЈО, од тогаш почнуваат сите овие големи крупни случаи познати во јавноста и замислете 2023, еве дојде 2024, осум години, девет години, а ништо од тоа не е осудено, никој не е во затвор, а овие што се тоа е пародија, тоа практично не е затвор, вели Пендаровски.

За неговиот предлог за ветинг на судии, јавни обвинители, но и на сите политичари од '90-те до денес и колку тоа е спроведливо или само предизборна реторика, вели постојат правници кои нудат модалитети, потребно е да се направат законски измени, но нагласува дека тој ветинг не значи дека автоматски политичарот треба да оди во затвор, туку дека не треба да се занимава со политика. Како можност го спомена и Законот за рестриктивни мерки, поврзан со црната листа на САД, кој не доби поддршка од Собранието.

Во однос на евроинтеграциите, неспроведените уставни измени, необезбеденото двотретинско мнозинство, веќе познатите ставови на политичките партии, Пендаровски вели дека таа задача останува на следниот Парламент и на следната владата, бидејќи таму евентуално би требало да се донесат тие уставни промени.

-Знаете дека и мојот став е познат за таа работа, дека две години наназад сегашнава опозиција немаше интерес тоа да го направи исклучиво од аспект на партиските интереси. Тие на тоа прашање ја кренаа максимално националистичката реторика, почнаа да го плашат народот со бугарски предлози, диктати, само како Бугари ќе влеземе во ЕУ наводно, тоа се класични будалштини. Меѓутоа, на тоа добија некои поени, го поткренаа својот малку подзаспан рејтинг и се држат како слеп за стап како што се вели народски до последниот ден до таа теза. Ако евентуално тие утре бидат на власт ќе мора да им објаснат на граѓаните зошто две години наназад организираа протести, правеа невидена политичка пропаганда и една жестока националистичка реторика со која го плашеа македонскиот народ пред се дека нема да бидат Македонци повеќе со тој наводен француски предлог под наводен бугарски диктат, истакна Пендаровски.

За македонско-бугарските односи, последните индиректни обвинувања од бугарското Министерство за надворешни работи дека шири говор на омраза и како тој доколку добие втор мандат би се обидел да ги затопли односите, имајќи ја предвид сегашната реторика, вели дека за танго се потребни двајца.

-Реално. Знаете како велат за танго треба двајца. Во изминативе три години Бугарија направи неверојатна стратешка грешка прво кон македонскиот народ, подоцна кон целата наша држава. Значи, просто не можете со 19-то вековна реторика да очекувате дека ќе направите простор за подобри билатерални односи. Нивното однесување беше неевропско, недемократско, точка. Ако продолжат и понатаму, сега гледам веќе закажуваат нови избори, не знаеме кој ќе биде понатаму на тие избори. Ако продолжат со истата реторика, истата политика кон нас не може да очекувате дека ние од тука ќе речеме добро, во ред е, ќе се согласиме на се’ што барате, бидејќи 99 проценти од бугарските барања се небулозни, 99 отсто од нивните барања се тежок национализам. Еден процент се Бугарите во Устав што не мислам дека е некоја посебна проблематична ситуација, некоја греда зошто не би можеле да имаме покај седумте народи и делови од народи кои ги имаме во Уставот, вели Пендаровски.

Нагласува дека стратегијата е позната и се однесува на она што можеме ние да го понудиме, но истакна дека таа ќе се однесува на сегашноста, на човековите права, на демократијата, а историјата треба да остане во историските учебници.

-Ние понудивме објективно во сите тие разговори и преговори со Брисел, бидејќи со Бугарите многу рано стана јасно дека со нив не можете да се договорите во директна билатерала. Гледате како работеше поточно не работеше историската комисија, таму тие се обидуваа од позиција на сила да ги диктираат нивните историски наративи што беше неприфатливо, таму нема никаков напредок последниве две години. Нашата позиција е јасна. Ние ќе продолжиме на истиот начин да разговараме со аргументи и да зборуваме за европски принципи, не за 19 век, не за Санстефанска Бугарија, не за не знам кое востание од не знам која година. Дајте да видиме сега што е проблемот. Значи, можеме да разговараме само од аспект на човековите слободи и права визави малото бугарско малцинство кое живее овде и од аспект на општото ниво на демократија во Македонија. Така се станува или така не се станува членка на Европската унија. Не со тоа дали деветсто и некоја или осумсто и некоја тој рекол ова, или рекол тоа. Тоа се работи кои треба да останат во историските учебници, нагласува Пендаровски.

Според неговите сознанија, а и коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека будно ќе ги следат изборите и евентуалните странски мешања, нагласува дека засега нема такви индиции. Вели некакви помали обиди постојат од ентитети, кои, пак се поврзани со, како што вели, малигни актери поврзани со Русија.  

-Меѓутоа, морам да ви кажам до овој момент мешањето на Русија во нашите избори е многу на пониско ниво отколку што беше на пример за мојот прв избор во 2019. или не знам за референдумот 2018., бидејќи Русија немаше никаков интерес Македонија да стане членка на НАТО. Досега мојата претпоставка е дека тие се комплетно апсорбирани со сите ресурси што ги имаат во таа сфера со инвазијата што ја направија во Украина. Сега се обидуваат да му контрираат на западниот наратив за нивната илегална војна во Украина. Не се премногу посветени на Балканскиот регион, нагласува Пендаровски. Претседателскиот кандидат и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски додава дека тие обиди можеби ќе се засилуваат со приближување на првиот, а особено на вториот изборен круг.

Ана Цветковска

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

Остани поврзан