• понеделник, 25 ноември 2024

За 40 проценти помал уписот на првачињата во прилепските училишта

За 40 проценти помал уписот на првачињата во прилепските училишта

Прилеп, 8 јуни 2023 (МИА) - За 40 насто е намален бројот на запишани првачиња во 10-те прилепски основни училишта во официјалниот рок до 1 јуни. Според списокот од МВР за деца на возраст за упис во прво одделение се 802, а до 1 јуни во основните училишта се запишани 480.

Гоце Бумбароски, советник за млади при прилепската локална самоуправа и одделенски раководител во прилепското ОУ „Кочо Рацин“, вели дека според искуството очекуваат до 1 септември и други родители да стигнат за упис на своите деца, но состојбите се загрижувачки.

- Состојбите се загрижувачки. Од списокот на деца во општината кои се на возраст за упис во прво одделение, а тој брои 802 деца, до официјалниот рок се запишани 480. Тоа е повеќе од една третина или 40 насто помалку запишани првачиња. Секако, според искуството, родителите доаѓаат за упис и до 1 септември, но тоа е мал процент, можеби 10 до 20 насто. Има пример во едно основно училиште, од планираните 190, запишани се 50-тина, изјави Бумбароски.

Ахил Јаков, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски кое има околу 780 ученици, анализира дека последните години постојано се намалува уписот на првачињата.

-Пред три години имавме запишани 90 првачиња, лани беа 80, а оваа година во официјалниот рок се запишаа околу 50. Ова сите нѐ загрижува, вели Јаков.

Главната причина надлежните ја посочуваат во иселувањето.

- Како и досега, и сега велам дека главна причина е миграцијата што во последно време зема замав. Иако некои родители допрва ќе ги запишат децата, но останува главниот проблем во миграцијата, вели советникот за млади при општина Прилеп, Гоце Бумбароски.

Учебната година завршува со проблемот со учебниците, но деновиве итно треба да се решава проблемот со свидетелствата за полуматурантите кои треба да се запишуваат во средните училишта.

-Свидетелствата треба да стигнат до 15 јуни за да може деветтоодделенците да се запишат во средните училишта. Немаме никаков одговор од Министерството за образование кога и дали навреме ќе стигнат свидетелствата, вели Ахил Јаков, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски“.

Од училиштата се надеваат дека преку летото до почетокот на новата учебна година ќе се реши проблемот со учебниците. ем/сст/

фото МИА

Остани поврзан