• сабота, 23 ноември 2024

Дујовски за МИА: Треба да се зборува за отворени кампањи за тоа дали граѓаните имаат потреба од оружје

Дујовски за МИА: Треба да се зборува за отворени кампањи за тоа дали граѓаните имаат потреба од оружје

Скопје, 6 мај 2023 (МИА) - Последните случувања во соседна Србија каде малолетник пред два дена со пиштол уби и повреди соученици и 21-годишно момче со пиштол уби и рани повеќе лица, го отворија прашањето колку и како оружјето им е достапно на децата. Каква е состојбата со оружјето кое го поседуваат граѓаните во земјава и каква е законската регулатива, МИА побара податоци од Министерството за внатрешни работи и стручно мислење од професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во Скопје.

Појаснувајќи ја процедурата за набавка и поседување на огнено оружје во нашата држава која е регулирана согласно Законот за оружје, професорот Дујовски покрај одредената административна постапка за добивање на правото за набавување и поседување на огнено оружје нагласува дека една од работите што треба да се исполнат е да се докаже дека граѓанинот има оправдана причина да набави и да поседува огнено оружје.

-Тоа е особено значен дел бидејќи тука се регулира начинот на којшто државата може да контролира дали навистина граѓанинот кој поднел барање за издавање на огнено оружје има оправдана причина или не. Како оправдани причини може да се сметаат заканите по безбедноста на лицето. Доколку тој или членовите на неговото семејство се под одредена закана во остварувањето на својата работа или во приватниот живот може да се процени дека лицето има право да поднесе барање за поседување, односно набавување и поседување на огнено оружје, појаснува Дујовски.

Според него, проблем е нелегалното оружје и нагласува дека треба да се зборува за отворени кампањи за тоа дали имаме потреба од оружје.

-Многу ретко се случува да имаме проблеми со лицата кои имаат легално оружје, го поседуваат согласно законите на нашата држава и го користат на соодветен начин. Меѓутоа, бројот на нелегално оружје кое што се поседува во целата држава треба особено да не загрижи и веројатно сега е вистинското време кога треба да зборуваме за отворени кампањи дали навистина имаме потреба да поседуваме огнено оружје и дополнително да сме свесни колкави се опасностите од поседувањето на нелегално оружје првенствено затоа што МВР постојано спроведува акции во коишто се одземаат нелегални оружја. За тоа законот предвидел ригорозни казни и има многу граѓани кои заради незнаење, меѓутоа и заради тенденција да се прекршуваат законите, поседуваат огнено оружје и за тоа добиваат соодветни казни пропишани и во Кривичниот законик и во Законот за оружје,  истакна професорот за МИА.

Смета дека сега е вистинско време кога треба да сериозно да се зборува за отворена кампања за враќање на нелегалното оружје или за зајакната контрола на дозволите коишто се издадени за набавки и поседување на огнено оружје со цел, како што вели, да си се заштитиме себеси, особено нашите деца за кои, како што, за жал видовме во изминативе неколку денови во непосредното опкружување може да бидат загрозени од страна на поединци коишто лекомислено, на многу страшен начин употребуваат толку лесно и едноставно огнено оружје.  

-Како и да е, факт е дека барем во нашата држава досега не сме имале некои толку сериозни кривични дела коишто ќе бидат макар и близу до тоа што овие денови се случува во Република Србија. Меѓутоа, многу лесно може ваквите прашања да се прелеат во нашата држава. Затоа е важно сите заеднички и владините органи покрај МВР, се разбира тука се и припадниците на Армијата, меѓутоа и социјалните служби, МОН преку основното, средното образование, па и факултетите во своите дискусии да ги отвораат темите на потребата од дополнителна заштита и безбедност и да зборуваме отворено колкави се опасностите од оружјето, дека со оружјето можеме многу повеќе да изгубиме отколку што можеме да добиеме, нагласува Дујовски.

Тој порачува дека е потребно да се отвори сериозна дискусија во нашето општество и да се обидеме да превенираме и да го заштитиме сечиј живот.

- Да не ни се случува заради невнимание на лов или заради детска играчка да се доведуваме во ситуација да губите човечки живот, предупредува професорот Дујовски.

На 05.01.2020 во 19.30 часот во с.Арнакија, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Х.(31) од с.Арнакија, поради тоа што при преглед кај него била пронајдена мариху

Според податоците на МВР во државата се регистрирани околу 180.000 парчиња на оружје, а согласно законските одредби предвидено е со една дозвола за оружје да се регистрираат најмногу 10 парчиња на оружје. Од полицијата напоменуваат дека се уште е во тек постапката за пререгистрација на оружјето од стари во нови дозволи, што треба да заврши заклучно со 4 јуни годинава.

-По истекот на овој рок, односно по извршената замена на старите дозволи ќе имаме поконкретни податоци за вкупно регистрираното оружје на територијата на нашата држава. Согласно одредбите од Законот за оружјето, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава со наполнети 18 години живот, по исклучок одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање ако физичкото лице има наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години, појаснуваат од МВР.

Во текот на 2021 година издадени се вкупно 5719 дозволи за оружје за физички лица, во текот на 2022 година 5969 дозволи за оружје, а во текот на 2023 година издадени се 2125 дозволи за оружје.

Меѓутоа, во овој број на дозволи, според полицијата, не влегуваат само новорегистрираните парчиња на оружје, туку и пререгистрираното оружје. Во текот на 2021 година издадени се 3365 одобренија за набавување на оружје, во текот на 2022 година издадени се 2480 одобренија, а од почетокот на 2023 година до денес донесени се 1697 одобренија. 

Борис Куноски

Фото: МИА архива

Остани поврзан