• понеделник, 23 декември 2024

„За наше Куманово“ на конвенција ги презентираше кандидатот за градоначалник и листа на советници

„За наше Куманово“ на конвенција ги презентираше кандидатот за градоначалник и листа на советници
Куманово, 27 септември 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник од „За наше Куманово“, Максим Димитриевски и кандидатите за советници предводени од носителката на листата, Ивана Ѓорѓиевска, вечерва од кумановскиот градски плоштад на конвенција ја презентираа програмата и побараа поддршка на претстојните локални избори.
Димитриевски побара поддршка за дореализација на проектите и вети нови паркови, зеленило, пет кружни тека, игралишта, реконструкција на училишта.
- Пред четири години, добивме поддршка да ја водиме општината и да ги почитуваме основните начела за кои се боревме. Во политиката е така, едни доаѓаат други си одат други, но оние кои ќе дојдат ако не научиле од претходните, тогаш се во заблуда, а со тоа и граѓаните ги носат во заблуда. Јас не сакам да го дозволам тоа, затоа што поминавме тешки денови. Вечерва на овој преполн градски плоштад има различни луѓе но првенствено слободоумни луѓе кои размислуваат со своја глава типично за кумановски темперамент, никој никому не мораше да се јавува и да стави на хартија 20-30 имиња, рече Димитриевски. Тој се заблагодари на различните здруженија кои му дале поддршка и нагласи дека досега во Куманово се реализирани 400 инфраструктурни проекти, водовод, канализации, спортски игралишта, терени, реконструирани се средни и основни училишта, изградена е монтажна катна гаража, заменето е осветлувањето, реконструиран е просторот околу Спомен костурницата. Димитриевски нагласи дека Куманово првпат е финансиски стабилна општина, дека администрацијата работи посветено во функција на граѓаните и дека е една од најтранспарентните општини. Тој рече дека државата не му се раздолжила на Куманово кое сè уште нема обиколница и дека многу важно за него е што го одбрал граѓанскиот наместо партискиот интерес. За листата за советници, Димитриевски кажа дека се одбрани нови луѓе кои внесуваат нова енергија, а не како некои кои со години и генерации менаџираат одредени функции во градот. Димитриевски најави спортски терени за младите, нови и проширени капацитети за пензионерите. Носителката на листата, Ивана Ѓорѓиевска пак нагласи дека листата е квалитетна, дека е составена од луѓе на кои никој ништо не им должи и нема кој да им потцртува за што да гласаат. Двајцата побараа поддршка од кумановци. ам/ки/

Остани поврзан