• петок, 22 ноември 2024

За иднината на ОБСЕ одлуката ќе се донесе на Самитот во Скопје, вели Османи

За иднината на ОБСЕ одлуката ќе се донесе на Самитот во Скопје, вели Османи

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ Бујар Османи вечерва изјави дека на самитот на ОБСЕ на 30 ноември/1 декември најверојатно ќе се донесе одлука каква ќе биде иднината на организацијата имајќи го предвид ветото на Русија. Османи вели дека едно од решенијата е Северна Македонија да продолжи уште една година со претседавањето, но дека за тоа ние сега треба да донесеме одлука дали ќе прифатиме.  

-Ова е најтешката година од историјата на ОБСЕ. Точно е дека ОБСЕ е пред егзистенцијални предизвици, нема буџет, нема претседавач, нема кому да му го предадам претседавањето идната година во 2024 година. Тоа првпат се случува во историјата, бидејќи Русија стави вето на Естонија и мандатот на четворицата извршни лидери на ОБСЕ им истекува. Треба консензус за продолжување. Јас сум во постојана комуникација. Се слушнав и со Лавров пред неколку недели, рече Османи во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“. 

Османи вели дека се видел со речиси сите министри за надворешни работи на 57-земји членки и свикал вонреден состанок  на постојаниот Сосвет на кој присуствувале 40 министри и алармирал дека ако не се најде решение оти ова ќе биде последната година за ОБСЕ. Најверојатно, вели тој, одлуката ќе биде донесена во Скопје. 

-Затоа министерскиот совет на 30 ноември - 1 декември ќе биде историски затоа што или таму ќе ги изгасиме светлата или таму ќе обезбедиме иднина на организацијата. Имам понудено креативни решенија за сите три. Сега провејува веќе консензусот...најголемиот дел од консензусот е дека Северна Македонија треба да продолжи уште една година. Дали ќе има консензус за тоа не можам да кажам. Ние сега треба да ја донесеме одлуката дали ќе прифатиме, изјави Османи. ев/бак/

Фото: МИА архива

   

 

Остани поврзан