• вторник, 05 ноември 2024

За десетина дена во владина процедура ќе биде новиот Закон за вештачење, најави министерот Тупанчески

За десетина дена во владина процедура ќе биде новиот Закон за вештачење, најави министерот Тупанчески
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) – За десетина дена во владина процедура ќе биде новиот Закон за вештачење, кој подолго време се подготвува, најави денеска министерот за правда Никола Тупанчески, посочувајќи го како добра алатка и излезно решение за сите недостатоци и дефекти кои што во моментот се случуваат, а се поврзани со таа сфера. Тупанчески, во изјава за медиумите по промоцијата на судница опремена со ИКТ опрема денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, прашан за тоа што може министерството да направи за предметот за случајот „Ласкарци“ кој подолго време го чека супер вештачењето, рече дека не сака да коментира одделни случаи, нагласувајќи дека министерството за правда се обидува, во рамки на своите ингеренции, на создавање на оптимални услови, но дека работата за правораздавање е сепак работа на судовите и останатите субјекти кои се учесници во постапките. - Констатирани се дефектите и јас мислам дека тоа законско решение ќе претставува решавање на сите досегашни наталожени проблеми. Од тоа како ќе биде изработен регистарот на вештаци, како ќе се добива лиценца и т.н. Значи прецизни правила за тоа како ќе се одвива вештачењето во иднина, изјави Тупанчески. Претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев, на прашање до каде е случајот „Ласкарци“, рече дека е точно дека постои застој и веќе година дена како не е изработено вештачењето, иако како што посочи веднаш откако е побарано вештачењето судот постапил и го пратил предметот во Бирото за судски вештачења. - Моите информации кажуваат дека застојот е поради тоа што недостасуваат вешти лица од таа област. Сепак, тоа прашање ќе треба да се постави во Бирото до каде е застојот. Последно што знам е дека вештите лица побарале барање да извршат увид во автобусот и од страна на Судот веднаш е издадена согласност за тоа да го нарават, изјави Џолев. За автобуската несреќа кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, Судот издаде наредба за супервештачење на 11 ноември 2021 година. Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело. Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година. аа/ар/

Остани поврзан