• понеделник, 23 декември 2024

Зајакнување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција во фокусот на состанокот на бизнис делегациите од двете земји

Зајакнување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција во фокусот на состанокот на бизнис делегациите од двете земји

Атина, 14 јуни 2024 (МИА) – Зајакнувањето на трговските, инвестициските и генерално економските односи меѓу Грција и Северна Македонија била главната тема на вчерашната посета на Трговско-индустриската комора на Солун (ЕВЕТ) на делегација од 30 бизнисмени од соседната земја, предводена од извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, соопштија од ЕВЕТ, јави дописничката на МИА од Атина. 

Бизнис форумот се одржал вчера во Солун, а според Трговско-индустриската комора делегациите од двете земји одржаа бројни директни (B2B) состаноци и ги разгледале можностите за развој на нови соработки. Дополнително нашите бизнисмени го посетиле и пристаништето во Солун, „кое е главната порта за извоз и увоз на Северна Македонија“.

На средбите им претходел отворен настан за перспективите за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји. 

-Првиот потпретседател на EBET Емануил Влахојанис, посочи дека бизнисите во целиот свет се соочуваат со сложено економско опкружување кое се карактеризира со нестабилност и неизвесност, создадени од демографската неурамнотеженост, климатската криза и технолошки предизвици. Од своја страна, извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, истакна дека Грција е особено важна за економијата на соседната земја, која извозот го врши главно преку пристаништето во Солун.

-Економијата ќе ги покрие разликите меѓу двете земји, нагласи Пешев и посочи дека Грција е меѓу петте најважни трговски партнери на Северна Македонија, соопштија од Трговско-индустриската комора на Солун. 

Паралелно за улогата и важноста на солунското пристаниште (ОЛТ) за економијата на Северна Македонија, говореле генералните директори на ОЛТ, додека пак станало збор и за царинските процедури во северна Грција. 

Состанокот во Солун на бизнис делегациите од двете земји беше прв од ваков вид во последните години.

Од нашата земја учествуваа компании од различни области во трговскиот, индустрискиот и услужниот сектор, како што се енергетиката, градежништвото и ИТ технологии. ср/ев/

Фото: Трговско-индустриската комора на Солун

Остани поврзан