• понеделник, 23 декември 2024

Затворот „Халден“ во Норвешка - луксузен хотел за затвореници

Затворот „Халден“ во Норвешка - луксузен хотел за затвореници

Халден, 4 август 2023 (МИА) - Затворот „Халден“ во Норвешка нема решетки и изгледа како луксузен хотел - затворениците имаат телевизор, лична бања, па дури и клуч од ќелијата... А пак, уметничкиот графит во стилот на Бенкси, којшто го краси надворешниот ѕид, наводно чинел над милион евра.

Инаку, во „Халден“ престојуваат 252 криминалци, осуденици за убиства, силување и други злосторства.

„Поубаво е од станот што го изнајмувам. Еве го мојот нов пензиски план“, „Ова не е затвор, ова е викендица“ - гласат дел од коментарите на Тикток за затворот во градот Халден.

Во поправниот дом за којшто и самите власти се фалат дека е „најхуманиот затвор на светот“, секоја ќелија има своја бања, опремена кујна, телевизор со рамен екран, мини-фрижидер, а осуденикот има и свој клуч. За 12 до 15 привилегирани соби има и кујна од висока класа со работни плочи од нерѓосувачки челик, дневни соби со софа во стилот на ИКЕА, маси за карти и други друштвени игри. Затворот за кој биле потребни 10 години и неверојатни 160 милиони евра за да се изгради, има и ѕид за искачување, цел супермаркет и студио за снимање.

„Разгалените затвореници“ имаат право и на две посети од партнер(-ка) секоја седмица, во соби без прозорци и надгледувани. И во овие интимни простории за посета, постелнината е чиста, имаат сопствена бања, крпи и кондоми.

За семејствата, исто така, дозволена е една посета во три месеци, па има и соби за деца и градинка полна детски играчки. Затвореникот Амунд објасни како изгледа дел од животот тука.

- Треба да се знаат правилата, а жените и девојките (на затворениците) доаѓаат со своите деца на една - две ноќи за викенд. Се работи за повторно поврзување на затворениците со нивните деца. Можеби некои долго време не ги виделе, изјави тој.

Норвешките власти тврдат дека оваа удобна средина помага да се намали и онака ниската стапка на криминал во земјата.

Норвешкиот уметник Долк, инаку, е сликарот на муралот на ѕидините на „Халден“. Тој вели:

- Во норвешкиот затворски систем, нагласката е на човековите права и почитувањето. Не гледам ништо од ова како на  нешто необично. Кога ќе дојдат в затвор, многу од нив (осудениците, з.п.), се во лоша состојба и сакаме да ги подигнеме, да им дадеме самоувереност преку натамошно образование и работа и потоа да си заминат како подобри луѓе, рече тој.

Стапката на повторени престапи во Норвешка е 20 отсто.  си/сд/

Фото: Википедија.

Остани поврзан