• среда, 04 декември 2024

Започнува фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“

Започнува фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“

Скопје, 22 март 2024 (МИА) - Со концерт на Воениот оркестар на Армијата, под диригентско водство на мајор Горан Илијевски, вечер започнува 47-мото издание на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, во неговиот традиционален пролетен термин.

На програмата на свеченото отворање, што ќе се одржи во Филхармонијата, се дела за воен оркестар од македонските автори Благој Цанев, Горан Илијевски, Живојин Глишиќ, Михајло Штерјев, Томе Манчев, Илија Илиевски, како и композиција за дувачки оркестар од Густав Холст.

Воениот оркестар во состав на баталјонот за Почести е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во државата, чија мисија е учество на протоколарни активности и воени свечености во организација на Армијата и на највисоките државни институции. Формиран е во 1944 година, во првите децении опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје, а по осамостојувањето на државата прераснува во голем дувачки оркестар и претставителен сегмент на Армијата. Оркестарот реализира повеќе концерти во склоп на активностите на Армијата и во соработка со локалните самоуправи во повеќе места во државата, но и редовно ја претставува на меѓународен план.

„Деновите на македонска музика“ се единствениот фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да живее и да се создава во континуитет, како сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња. Фестивалот го претставува творештвото на повеќе генерации музички дејци, задржувајќи го основното мото – премиерна изведба и презентација на новосоздадените музички дела.

Во духот на традицијата, во презентацијата и славењето на македонската композиторска мисла и оваа година на СОКОМ му се придружуваат најзначајните музички институции во државата меѓу кои Националната опера и балет, Филхармонијата и Националната установа „Танец“.  Програмата со свои концерти ќе ја збогатат и камерните ансамбли „Профундис“ и „Алтус“, како и истакнати солисти и музички уметници од земјава и од странство, со што фестивалот ја зацврстува својата позиција на меѓународната мапа на фестивали на современа музика со долга и богата традиција.

Програмата на фестивалот ја конципираше уметничкиот одбор во чиј состав се композиторите Валентина Велковска – Трајановска и Филип Иванов. Автор на плакатот и уметничкото решение на фестивалот е уметникот Владимир Лукаш.

Влезот на свеченото отворање, како и на сите останати настани во рамките на програмата на „Деновите на македонска музика“, е слободен. ев/вг/

ФОТО: СОКОМ

Остани поврзан