• понеделник, 23 декември 2024

Започна снимањето на босанскиот филм „Павилјон“ во копродукција со „Круг филм“ од Скопје

Започна снимањето на босанскиот филм „Павилјон“ во копродукција со „Круг филм“ од Скопје

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Во продукција на продукциската куќа „Панглас“ од Сараево и ко-продуцентот „Круг филм“ од Скопје, во Зеница, Босна и Херцеговина, започна снимањето на долгометражниот игран филм „Павилјон“.

Филмот е по сценарио на Виктор Иванчиќ и Емир Имамовиќ-Пирке, во режија на Дино Мустафиќ, а снимањето ќе трае до почетокот на октомври оваа година.

Филмот раскажува приказна за злоставуваните станари на домот за стари лица „Павилјон“, кои организираат вооружен бунт чија цел не е подобрување на условите за живот. Тие сакаат правдина во нејзиниот исконски облик, без никаква грижа за моралните норми во општеството кое повозрасните личности ги смета за биолошки отпад.

Една од главните улоги во филмот ја толкува нашиот реномиран актер Мето Јовановски, а во реализацијата на филмот учествуваат и други авторски имиња: Жаклина Крстевска како костимограф, Алисија Ферро како скриптер и Раде Гогоски како прв асистент на камера.

„Павилјон“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, како и од филмските центри на Босна и Херцеговина и на Србија. Главен продуцент од босанска страна е Мустафа Мустафиќ од „Панглас“, додека српски ко-продуцент е Бојана Маљевиќ од „Монте Ројал Пикчрс“. Македонски ко-продуцент е Дејан Крајчевски од „Круг филм“.

Режисерот Мустафиќ во својата кариера има постигнато големи успеси како со филмската, така и со театарската режија, а неговата претстава „Хелверовата ноќ“ на Камерниот театар 55 од Сараево, е запишана во историјата на босанско-херцеговскиот театар како најнаградувана со 23 интернационални признанија. вг/ев/

Фото: Круг филм

Остани поврзан