• понеделник, 23 декември 2024

Заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивалот

Заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивалот

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - Со последните два мурала во Кичево и Скопје е заокружена серијата мурали во духот на заедницата, кои го отворија 19. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на Здружението Факултет на работи што не се учат - ФРУ од Скопје.

Како што информира  Факултет на работи што не се учат - ФРУ од Скопје, во центарот на Кичевската чаршија, на Центарот за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и предна фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот, како што се наведува, е да поттикне размислување околу потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативни контексти/дејности.

- Во соработка со ФРУ - Скопје, идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф, композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на Домот на култура - како простор каде што се негува културата и уметноста иницирана од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови кадешто сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, низ заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница кадешто едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој, се вели во соопштението. 

Во март 2024 година во Скопје се реализираше мурал на зградата која се наоѓа на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Од ФРУ - Скопје посочуваат дека тоа побудило позитивни чувства и резултирало со уште една иницијатива за реализација на мурал, како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите.

- Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализираа мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“. Со овој мурал, фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување, се наведува во соопштението.

Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода. мд/лв/

Фото: ФРУ - Скопје

Остани поврзан