Занаетчиската комора организира настан за подигање на свеста за борба против рак на дојка
- Во рамки на месецот „Розев Октомври“, месец на женска сила, поддршка и надеж, Занаетчиската комора утре ќе организира симболичен и хуман настан посветен на подигање на свеста за борбата против ракот на дојка и значењето на превенцијата.
Куманово, 24 октомври 2025 (МИА) - Во рамки на месецот „Розев Октомври“, месец на женска сила, поддршка и надеж, Занаетчиската комора утре ќе организира симболичен и хуман настан посветен на подигање на свеста за борбата против ракот на дојка и значењето на превенцијата.
Настанот, кој ќе се одржи во просториите на „Тренинг центарот“ на ЗКРСМ, е дел од проектот „Образување и економско зајакнување на ранливите групи жени“, кој се реализира со поддршка на Амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Проектот има за цел да овозможи образовно, професионално и економско зајакнување на жените од ранливи категории, преку практични обуки, менторство и можности за личен развој.
- Во рамки на утрешниот настан ќе учествуваат и девојчињата кои беа засегнати од неодамнешниот пожар и кои во моментов се дел од обуката за козметичар. Со симболичен гест на поддршка, тие ќе изведуваат розеви маникири за присутните дами, пренесувајќи порака на храброст, надеж и женска солидарност. Со овој хуман чин, Занаетчиската комора на Република Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност на зајакнување на жените, промоција на нивните вештини и создавање можности за достоинствена и независна иднина, изјави Јелена Спасов, извршен директор на ЗКРСМ.
На настанот ќе учествуваат и учеснички од сите шест града каде што се имплементира проектот, Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Гостивар и Свети Николе, кои преку своето присуство и активност ќе ја зајакнат пораката за женска поврзаност, емпатија и поддршка. ам/паг/
Фото МИА архива