• среда, 27 ноември 2024

Заменик-министерката Оџаклиеска на министерски состанок во Атина за намалување на ризикот од природни катастрофи

Заменик-министерката Оџаклиеска на министерски состанок во Атина за намалување на ризикот од природни катастрофи
Атина, 21 октомври 2022 (МИА) – Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Христина Оџаклиеска денеска ќе учествува на министерскиот состанок за „Намалување на ризикот од катастрофи во Источниот Медитеран“, што се одржува во Атина, а се очекува делегациите од 17 земји да дискутираат за регионалната соработка во справување со природните катастрофи, јави дописничката на МИА од Атина. Денешната конференција е во рамките на Дијалогот за патоказот на Обединетите нации за намалување на ризикот од катастрофи и го организира Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција во соработка со Канцеларијата на ОН, а планирано е учество на делегации од 16 земји (Египет, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Франција, Израел, Италија, Јордан, Хрватска, Кипар, Либан, Црна Гора, Палестина, Романија и Турција) и домаќинот Грција, како и претставници од Европската комисија, Советот на Европа и Унијата за Медитеранот. Министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилианидис на техничкиот брифинг со новинарите во средата рече дека состанокот е во контекст на Сендајската рамка за намалување на ризикот од катастрофи, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина посочи дека „не е теоретска конференција, туку ќе има и практично влијание, практичен резултат’“, со оглед на тоа дека на крајот земјите учеснички ќе потпишат заедничко соопштение. Стилианидис, говорејќи за форумот и за важноста да се забрзаат процесите на регионалната соработка рече дека Источниот Медитеран е „хот спот“ и „не постојат решенија само на национално ниво,  односно никој сам не може да најде решение, бидејќи сите сме во иста ситуација“. Паралелно додаде дека со состанокот се истакнува и потврдува дека „улогата на Грција во европскиот механизам за цивилна заштита и во RescEU е многу важна“. -Европскиот хуб што се вика Грција е оној кој ќе ги поврзе европските институции, европскиот механизам за цивилна заштита RescEU со целиот регион, со земјите што не се членки ниту на Европската Унија, ниту на европскиот мехнизам, рече Стилианидис и додаде дека ќе се истакне улогата на Грција не само во делот поврзан со природните катастрофи, туку и геоолитички, бидејќи „дури и природните катастрофи имаат димензија што одгорвара на геополитичкото прашање“. На форумот, планирано е да се одржат три работилници и министерски состанок, а министерот за климатска криза и цивилна заштитана Грција ќе одржи и билатерални средби со неговите колеги од земјите учеснички. ср/мд/

Остани поврзан