• петок, 22 ноември 2024

Закани со пиштол прекинаа снимање серија со Натали Портман

Закани со пиштол прекинаа снимање серија со Натали Портман

Балтимор, 30 август 2022 (МИА) - Претстојната куса ТВ-серија со Натали Портман, „Дама во езерото“ (Lady in the Lake) доживеа принуден привремен прекин на продукцијата во Балтимор, САД, поради луѓе кои со огнено оружје ѝ се заканувале на дел од екипата.

Имено, двајца мештани се судриле со возач на тимот во петокот велејќи дека „ќе дозволат“ снимањето да продолжи само ако им платат 50.000 долари. Возачот, секако, одбил, па напаѓачите се заканиле дека „ќе се вратат подоцна вечерта и ќе пукаат во некого“ доколку продолжи снимањето, според полицискиот извештај. Во изјавата за „Холивуд рипортер“, студиото „Ендивор контент“, се вели: „Петокот попладне, на снимањето во Балтимор на нашата продукција - „Дама во езерото“, пред пристигнувањето на актерската и ТВ-екипата... Возач од нашата продукциска екипа се соочил со две лица, од кои едниот вперил пиштол кон нашиот возач, а потоа двајцата побегнале од местото. Работиме со Полицискиот оддел на Балтимор бидејќи истрагата е во тек. Безбедноста на нашата екипа, глумците и сите кои работат во нашите продукции се наш највисок приоритет и ние сме благодарни дека никој не е повреден. Продукцијата ќе продолжи со зголемени безбедносни мерки. Привилегија е да се снима „Дама во езерото“ во Балтимор, работејќи со тамошната енергична заедница низ многу области“. Серијата „Дамата во езерото“ е заснована на истоимениот прославен роман на Лора Липман од 2019. Приказната е сместена во Балтимор во 1960-тите, каде што нерешено убиство ја турка домаќинката и мајка Меди Шварц (Портман) повторно да му се врати на истражувачкото новинарство... Во ТВ-серијата глумат и Мозес Инграм, Сонал Јагасија, Рони Џин Блевинс, Скот Своп и други. Најавени се седум епизоди. Датумот на објавувањето и прикажувањето сѐ уште не е соопштен.  си/ssm/

Остани поврзан