Заев: Солидарноста функционира, важни се проценките што ќе бидат направени изутринава заради дејствувањето на хеликоптерите
- Здружени сме и правиме се што можеме. Приоритет се човечките животи, има девет луѓе коишто вдишеле чад и се на лекување во болница. Немаме загрозени човечки животи, изјави синоќа премиерот Зо
Кочани, 3 август 2021 (МИА) - Здружени сме и правиме се што можеме. Приоритет се човечките животи, има девет луѓе коишто вдишеле чад и се на лекување во болница. Немаме загрозени човечки животи, изјави синоќа премиерот Зоран Заев, кој беше во посета на Кочани.
Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока.
- Важно е да знаат сите дека солидарноста во државата функционира. Целиот систем е ставен преку ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување со ППЕ и општинските штабови функционираат имајќи предвид дека само денеска се лоцирани 13 пожари коишто беснеат на територијата на целата држава. Беснеат и во соседството. Важно е да ги споделиме сите ресурси и важно е што сме сите активирани, истакна премиерот синоќа во Тркање, Кочанско каде беше придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Преммиерот изрази благодарност и до војската и до полицијата, кои, како што напомена не се обучени за гаснење на пожар, но сепак се мошне важни во менаџирањето на граѓаните, кои се во паника од ваквите ситуации, како и во евакуација на цивилното население.
Заев истакна дека тој, Филипче, Ангелов и Илијев цела ноќ ќе останат таму, бидејќи, како што рече важни се проценките што ќе се направат по полноќ во утринските часови, заради дејствување на хеликоптерите на територијата на целата земја.
- За жал горат доста планини во нашата земја. И се организиравме утре наутро затоа што ниту кај нас ниту во кои било земји навечер хеликоптерите не дејствуваат. Можат да загинат, не се знае, може да повредат луѓе коишто се некаде влезени со најдобра намера да помогнат. Затоа по прописите хеликоптерите оперираат во текот на денот, нагласи синоќа Заев.
Тој потсети дека претседателот Стево Пендаровски разговарал со бугарскиот претседетел Румен Радев за помош, а тој самиот стапил во контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврдил дека за денеска ќе ни отстапат неколку хеликоптери. Разговарал и со техничкиот бугарски премиер Стефан Јанев во насока на правовремено дејствување со сите расположливи ресурси.
Заев напомена дека олеснителна околност е тоа што се смирил ветрот, кој вчера достига брзина од 27 метри во секунда, а за денеска прогнозите се дека ќе биде 19 метри во секунда.
- Тоа значи дека наутро треба да дејствуваме и да превенираме се што може да биде жариште, кое што прво ќе загрози луѓе, потоа куќите, а понатаму секако и шумите коишто горат во државата, рече синоќа Заев и додаде дека во моменот се загрозени и подрачјата на Македонски Брод, Делчево и Пехчево...
Тој напомена дека високите температури ќе продолжат и денеска и утре, но веќе од четврток се очекува промена на временските услови, но сепак, како што рече сите надлежни и граѓаните треба да бидат будни и фокусирани.
Во врска со подготвеноста на противпожарната служба воопшто за навремено реагирање, премиерот нагласи дека станува збор за системски предизвици, дека има обновување низ годините, со возила, но сепак, смета дека тоа треба да се прави со уште поголемо темпо.
Заев потсети дека се решени системските проблеми околу платите на пожарникарите, а во иднина потребно е да се зголеми нивниот капацитет, со што е можно повеќе противпожарни возила.
- Општините немаат капацитет тоа сами да го направат, тука треба да влезе државата со кредитна линија или да определи соодветни буџетски средства за да ги зголеми секако тие ресурси коишто ни требаат. Една од причините зошто направивме и солидаризација со Србија и со Албанија. Договорот што го потпишавме е токму за заштита и спасување во случај на катастрофи, на вакви пожари, поплави, земјотреси или слично. Еве дејстуваме. Утре ќе ги имаме на повидок ваквите активности, рече Заев.
Премиерот додаде дека „Канадерите“ се приземјени и оти Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање. Премиерот изјави дека тоа ќе се направи уште утре за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки.
- Сега го имаме основот согласно Законот, кога навистина треба брзо да се дејстува. Верувам дека и Бирото за јавни набавки со одлука на Влада доколку е потребно ќе направиме брза интервенција за сервисирање, односно одржување, кое што ќе ја дозволи причината односно ќе ја отстрани причината и ќе дозволи да полетаат „Канадерите“, додаде Заев. ац/сп/