• петок, 22 ноември 2024

Заев: Се надевам на решение за спорот со Софија со новата бугарска Влада

Заев: Се надевам на решение за спорот со Софија со новата бугарска Влада
Скопје, 21 јули 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев во интервју за емисијата „Конфликтна зона“ на Дојче веле изјави дека се надева на решение на спорот со Бугарија со новата влада во Софија. - Големо е разочарувањето и траумата кај граѓаните по блокадата на европскиот пат на Северна Македонија, но земјата нема да бара алтернативи, вели премиерот Заев во интервјуто. Во спротивно, нагласува тој, ќе и посакаме среќа на Албанија сама да продолжи на европскиот пат. Заев зборува за шансите за решение на спорот со Бугарија, претстојниот попис, корупцијата во земјата и опасноста за регионот доколку продолжи одложувањето на интеграциите во ЕУ. - Јас сум оптимист затоа што за време на нашата последна посета на 17 јуни, се сретнавме со сите официјални претставници во Бугарија, со претседателот, со премиерот, министрите и понудивме решенија за сите отворени проблеми. И постоеше целосна потврда за тоа, но останува неопходноста од политичка влада во Бугарија. Поради тоа, јас сум оптимист и можам да заклучам дека продолжуваме да бидеме целосно пријателски ориентирани, затоа што сме први соседи и нормално треба да обезбедиме подобра иднина за нашите млади луѓе, да не грешиме во таа насока. Затоа, верувам дека по формирањето на новата влада е можно решение, вели Заев. Според премиерот, одложувањето на европската иднина на земјите од регионот, губењето на мотивацијата станува опасна за сите земји од Западниот Балкан, како и за Северна Македонија. - Во Европскиот совет веруваат дека ќе биде полесно да се донесе одлука за почеток на преговорите за двете земји во пакет, отколку поединечно, смета Заев, додавајќи дека за него „не постои никаков проблем доколку двете земји сега се одвојат поради ветото од Софија“. Заев верува дека Пописот закажан за септември ќе биде успешен и тврди дека резултатите од него нема да имаат никакво влијание врз веќе остварените права на заедниците во Северна Македонија. На забелешката на новинарката дека Северна Македонија падна на најниското место на листата за корупција на Транспаренси интернешнл и дека и понатаму стојат забелешките дека не се гони т.н. висока корупција меѓу поранешни и актуелни функционери, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, Заев објаснува дека тоа не е вистина. - Унгарската влада му помогна на Груевски да избега од Северна Македонија и му даде дозвола за престој во Унгарија, што според нас, се коси со меѓународното право. Ние сега бараме легален начин како да го вратиме назад за да си ја отслужи затворската казна, нагласува премиерот Заев во интервјуто за Дојче Веле. цр/сп/

Остани поврзан