Заев поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ, останува на ставот дека не е време за парламентарни избори
- Претседателот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев вечерва поднесе оставка од двете функции. На прес-конференцијата во седиштето на партијата Заев им честиташе на политичките опоненти и иста
Скопје, 31 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев вечерва поднесе оставка од двете функции. На прес-конференцијата во седиштето на партијата Заев им честиташе на политичките опоненти на изборната победа и истакна дека ја презема одговорноста за лошите резултати од изборите.
Тој останува на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори, бидејќи, како што рече, престојат две и пол одлични и неповтроливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
- Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.
Тој им честиташе на сите избрани градоначалници на кои им посака чесно и одговорно да му служат на народот.
- Горд сум што заедно ја внесовме земјата во НАТО. Лани добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и верувам дека имаме шанси да отпочнеме преговори за неколку месеци. Си го обединивме нашиот мултиетнички народ и економски видливо го зајакнавме и покрај пандемијата која што владееше. Спроведовме успешен попис, изградивме историско пријателство со сите наши пет соседи со договорени стратешки партнерства. За нас, прогресивните, кои веруваме и им се радуваме на овие историски успеси, за жал, дојде политичка казна, рече Заев.
На овие избори, како што посочи, било видливо дека многу пари, главно однадвор и од домашни бизнисмени, се слеале за поддршка на опозицијата.
- Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини, а дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред се газди на градежни компании, заради идни лични, финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите, рече Заев.
Тој изрази разочараност што мнозинството од народот ги избрал, како што рече, истите луѓе и политичари кои пред четири години во Парламентот сакаа и тргнаа да убиваат.
- На овие избори видовме дури и сојузи меѓу жртвите и насилниците од 27 април 2017 година. Се здружија жртви на насилството со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ без каков било образ за власт и пари. Сакав ова да го напоменам и споменам со единствена цел да остане забележано во паметењето на нашиот народ. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ. Но, нејсе. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија, а кога е слобода и демократија, правилото е дека треба да има преземање на одговорност. Низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене, ред е граѓаните да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг и да водат грижа за својата политичка фотелја, порача Заев. см/бак/