• понеделник, 23 декември 2024

Заев: На изборите донесете одлука за напред, не се враќајте назад

Заев: На изборите донесете одлука за напред, не се враќајте назад
Битола, 22 октомври 2021 (МИА) - Јас носев одлуки кои се покажаа исправни и целиот свет се поклони и даде респект за одлуките, истакна вечерва во Битола, премиерот Зоран Заев, на митингот на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, барајќи поддршка за кандидатот Христо Кондовски. Јас носев одлуки, рече тој вечерва на одлуки ќе носи и Христо Кондовски, сега вие граѓаните сте на ред. -Народот одлучува. Народе мој донеси одлука за напред, не се враќајте назад. Во името на успесите, во името на стратешкиот успех и влез во НАТО, во името на обединувањето и сплотувањето во нашето мултиетничко општество, во името на растење на платите во време на пандемија, во името на растот на домашните и странските инвестиции, во името на иднината ги повикувам сите граѓани во Битола да дадат поддршка на единството, на обединувањето, на прогресот, на иднината, на напредокот, поддршка на најдоброто за Битола. Излезете и донесете одлука за вашата Битола, за вашите деца, за вашите семејства, за вашата иднина, повика лидерот на владејачката партија Зоран Заев. Со изборот на Кондовски, порача, битолчани ќе бидат горди во следните четири години. -Ве повикувам сите, сите граѓани да се обединиме. Битола има голем потенцијал, Битола има потенцијал за прогресивноста над 32 000 гласови. Многу е важно да излеземе и да донесеме одлука која што ќе биде исполнување на нашата обврска и задача. Одлука не е седење дома. Одлука е излегувате и гласате. Гласате за тоа што мислите дека е најдобро за вас, за вашето маало, за вашата општина, за вашиот град, за вашето село, за вашата татковина. Само преку таа одлука може да ја исполните својата граѓанска должност. Во спротивно седејќи дома поддржувате режим, поддржувате да се вратат сите оние несакани моменти, денови, седмици, месеци, години како нема ништо од развојот на Битола, како се уназадува градот, како се вложува пари во споменици, како се уништува перспективата и на сегашните и на идните генерации. Многу е важно во какви раце ќе ја оставите вашата општина, предочи Заев. Претседателот на СДСМ Зоран Заев повика граѓаните на 31 октомври да учествуваат на изборите и да ги споделат сите успеси коишто ќе бидат постигнати во Битола. Не заборавајте, рече, режимот не беше пред 100 години, туку пред 4 години, На платото пред објектот на Офицерскиот дом во Битола, Заев се обрати и до граѓанските активисти и појасни зошто треба да гласаат за Христо Кондовски. -Се обраќам до граѓанските активисти, до разочараните граѓани од нас - одмерете неколку пати. Ваша е одлуката. Изберете не нас со сите предности и слабости. Не сме сјајни и имаме свои грешки и слабости, но секогаш знаеме да се корегираме. Секој пат сме во консултација со граѓаните. Знаевме и кадровски да се промениме на централно и на локално ниво затоа што сакавме да се подобруваме. Тоа кај нашиот опонент е мисловна именка - не постои. Тие се нарцисоидни, тие се задоени со национализам, тие се самобендисани, тие се режим. Тие се истите луѓе. Едно извинување, едно покајување на слушнавме од нив, истакна Заев. На вечерашниот митинг во Битола, а во пресрет на гласањето од вториот круг од Локалните избори, претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев повика на масовно глаасање. -Ве повикувам да излезете на гласање, да донесеме правец, одлука за иднината на Битола, да продолжиме напред и да имате уште посилна општина. Во соработка со централната власт ќе ги унапреди Пелистер, ќе ја поддржи културата, развојот на туризмот и спортот, бараме поддршка за да има уште поголема среќа. Денот на одлука е 31 октомври, граѓаните одлучуваат по кој правец ќе се движи Битола. Важно е, се е важно, не дозволувајте никаков ризик, ве повикувам сите со гордо кренато чело да гласате за Христо Кондовски, идниот градоначалник на Битола, порача Заев.мт/лв/

Остани поврзан