• недела, 22 декември 2024

Заев: Во европските учебници се избегнува етничката или националната обоеност на фашизмот

Заев: Во европските учебници се избегнува етничката или националната обоеност на фашизмот
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Политиката не може да се меша со историјата, ниту нешто да смени. За да се гради пријателство и добри односи, треба да се изгради и пријателски амбиент. Ако сакате да градите пријателство и добри односи, треба да постапуваме правилно, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во врска со односите со Бугарија. Заев во емисијата 24 Анализа на ТВ 24, истакна дека остануваат спомениците како потсетник на фашизмот, но, вели нечесно е да се оквалификува една цела нација како фашистичка. -  Непријатено е чувството да ве именуваат како фашистички окупатор. Во европските учебници, во духот на европските манири, се избегнува етничката или националната обоеност на фашизмот. Целта ми е градејќи ги сите тие односи, да внимаваме на начинот на кој ги општиме работите, се со конечна цел да градиме едно пријателство, рече Заев зборувајќи за отстранување на терминот „бугарски“ пред „фашистички окупатор“ во учебниците по историја. Според него, именувајќи бугарски фашистички окупатор, тоа рефлектира кон цела една нација, и тоа е горчина за бугарскиот народ. Премиерот оцени дека „со ништо не сме придонеле да провоцираме какво било непријателство или нефер однос кон Бугарија“. -Сметам дека пријателството беше искрено кога го потпишавме договорот во 2017, па и во следните години, наведе Заев. Сепак, дополни, односот се сменил поради политичкиот притисок и тензичната политичка сцена во Бугарија. - Не очекуваме дека ќе се смени нешто во октомври, бидејќи Бугарија се уште нема политичка влада. Дури и претседателот Радев оди на избори, но тоа не значи дека треба да престанеме да комуницираме, рече Заев. Постојат, вели, луѓе, поединци кои настапувале со скриени агенди кон земјава, но наведе дека е среќен што бугарското Министерство за надворешни работи ги осуди територијалните претензии на бугарскиот европратеник во предизборната кампања. -Тоа што сакам да го потенцирам е дека доминантно бугарскиот народ сака да биде пријател со македонскиот народ. Знаат дека тоа е добро и за Бугарија. Јас сум убеден дека проевропските манири и решенија ќе преовладаат и ќе градиме пријателство без да се чепкаат болните работи за народите од двете страни, истакна Заев. вг/лв/

Остани поврзан