• понеделник, 25 ноември 2024

Заев: Владата ќе биде во интерес на граѓаните, ќе служиме чесно и одговорно

Заев: Владата ќе биде во интерес на граѓаните, ќе служиме чесно и одговорно
Скопје, 31 август 2020 (МИА) - Северна Македонија вечерва доби нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво согласно интересот на граѓаните и државата, изјави новоизбраниот премиер Зоран Заев откако Собранието пред полноќ ја изгласа новата Влада. Изрази благодарност на пратениците од демократското мнозинство кои, како што рече, ја препознаа важноста и потребата од нова одговорна Влада и кои ни ја додоа довербата да ги водиме институциите. Посочи дека во следните четири години со сите ресурси ќе дејствуваат за да ја оправдаат довербата на пратениците, односно на граѓаните кои го доделија мандатот на пратениците. -Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата. Надминувањето на последиците од коронакризата и враќање на претходните стапки на економски раст, ќе биде во фокусот на работата на владата, рече Заев. Повтори дека со изборот на Владата го комплетирале системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот. - Уште во првите месеци од мандатот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна, независна правна држава. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните, истакна Заев. Најави дека процесот на евроинтеграција продолжува уште позасилено, а Владата, како што рече, и институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. -Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечив придонес е важен, очекуван, потребен и суштински. Затоа, почитувани граѓани, во време кога започнува најинтензивната македонска европеизација, приклучете се. Приклучете се кон борбата против корупцијата. Приклучете се на отпорот против Ковид-19. Прифатате го повикот за широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе си исчистиме воздухот, водите и почвите. Следува неповторлив период за Северна Македонија. Имаме шанса која не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Затоа дајте свој придонес во трансформацијата на нашата држава, нашето заедничко општество, порача Заев. Според него, реализацијата на програмските определби во соодветните ресори им е доверена на професионални и отчетни кадри, како што рече, чија одговорност пред мене, но многу повеќе пред вас граѓаните, ќе биде да ги испорачаат резултатите. -Сега, кога сите големи отворени прашања на надворешен план се зад нас, ред е со сите капацитети да се посветиме на работа дома. Да обезбедиме уште подобри услови за уште подобар живот, за уште поголеми плати, за повеќе правда и повеќе грижа за сите наши граѓани, заклучи Заев. Артан Груби, кој вечерва беше избран за прв вицепремиер и министер за политички систем, вети дека ќе работат во интерес на граѓаните, а Владата ќе биде одговорна и евроатлантска. -Од вечерва ние ќе бидеме едно за доброто на граѓаните. Сакам да им упатам порака на сите граѓани дека нема да ве разочараме, рече Груби. На новинарско прашање дали ќе бара дополнителен отчет за кадрите од ДУИ, кои во предизборието ги нарекол корумпирани, Заев  со одговор „на изборите ние го кажуваме тоа што го гледаме како слабост, а изборите се можност да се подобриме и поправиме“. -На крајот граѓаните се тие кои одлучуваат и буквално не посочија кој победи на изборите. Победија СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ од албанскиот блок партии. Ние не разговаравме само за тоа кои одговорности ќе ги споделиме, разговаравме и за квалитетот на кадрите, разговаравме не само за слабостите на ДУИ, туку и на СДСМ, и верувам тоа ќе го отстраниме. Како што рече првиот потпретседател на Владата, Груби, изградивме голема доверба и ова го кажувам дека кога ќе ги отворите искрено разговорите, разговаравме отворено затоа што сакаме да успееме. Големи успеси постигнавме заедно што може да бидат добра основа за уште почесно и поработливо да му служиме на нашиот народ, одговори Заев. аа/нд/

Остани поврзан