• понеделник, 23 декември 2024

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа е императив во борбата за намалување на загубите на вода од извор до чаша, која согласно податоците за 2023 година на ниво на цела држава во просек изнесува над 60 проценти. Ова беше истакнато на 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија - WAREG (European water regulators), што се одржува денеска во Скопје.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски посочи оти во регионот сме една од земјите со највисоки загуби.

- Во Македонија загубите на вода, некаде на ниво на цела држава се, 62-63 проценти. Ние како регулаторна комисија за енергетика во повеќе наврати кажавме дека не бегаме од одговорност и сме подготвени да ја определуваме крајната цена за сите водни услуги, имајќи предвид нашето искуство и во енергетиката, со тоа што гарантираме дека ќе ја подобриме ефикасноста на компаниите, ќе овозможиме поголем број инвестиции и за сметка на тоа, ќе ги намалиме загубите на вода на државно ниво и притоа, нема да предизвикаме никакви ценовни шокови. Значи, со намалувањето на загубите, ќе се зголемат количините што ќе се фактурираат и на тој начин, нема да има никакви потреби од зголемување на цената за водните услуги, рече Бислимоски во изјава за медиуми.

Клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата, таа да биде достапна и прифатлива за крајните корисници, а регулаторот да ја преземе целосната надлежност во формирање на крајната цена. 

- Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи што се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата, не смееме да дозволиме алиби игри. Во овој момент РКЕ определува само опсег на тарифи - од минимална до максимална, а советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена, односно тарифа што обезбедува минимален праг на рентабилност со мали инвестиции, при што мрежата не се обновува, а вработувањата се зголемуваат. Неопходен е континуиран инвестициски циклус во инфраструктурата, како и оптимизирање на бројот на вработени во јавните комунални претпријатијата, при што во исто време клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата и воедно да биде достапна и прифатлива за крајните корисници. Решение, како регулатори, гледаме преку преземање целосна надлежност во формирање на крајната цена, смета Бислимоски.

WAREG обединува 35 регулаторни тела што го следат секторот за води и овозможуваат заштита на повеќе од 400 милиони потрошувачи.

Мисијата на Асоцијацијата, посочи нејзиниот претседател Андреа Гуерини, е да ги усогласи дејствата на европските регулаторни тела преку поттикнување проактивна соработка, размена на знаење, искуства и добри практики ,како и други активности со што се градат капацитетите на членките.

- Улогата на економските регулатори е круцијална за обезбедување финансиска стабилност на секторот, како и за реализација на потребните капитални инвестиции за иновации и за доближување на секторот до стандардите на ЕУ за животна средина, смета Гуерини. бд/лв/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан