• петок, 05 декември 2025

„Загубениот Тим од соништата“ на Јуре Павловиќ го отвора 10. издание на „Киненова“

„Загубениот Тим од соништата“ на Јуре Павловиќ го отвора 10. издание на „Киненова“

Скопје, 28 септември 2025 (МИА) - Годинашното, јубилејно десетто издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ќе биде отворено со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ. Отворањето ќе биде во Националната опер и балет со почеток од 20:30 часот, информираат организаторите.

Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“, во пишаната изјава наведува дека е среќен што имаат значајни гости на фестивалот.

- Денеска го отвораме 10. јубилејно издание на МФФ „Киненова“. Среќен сум што имаме вака значајни гости на фестивалот - Даг Јохан Хагерут, добитникот на „Златна мечка“ на годинешното Берлиенале и Јуре Павловиќ, со чиј филм вечерва се отвора фестивалот. Тие се денеска со нас, а ќе присуствуваат и вечерва на свеченото отворање и во текот на фестивалот Даг ќе одржи мастерклас на ФДУ, подвлекува тој, најавувајќи дека годинешото издание на „Киненова“ е само почеток на еден голем филмски фестивал што следните години ќе се случува во Скопје и изрази надеж дека навистина ќе ја добие вистинската поддршка од надлежните државни и локални институции.

Добитникот на годинешната „Златна мечка“ од Берлин за најдобар филм, а годинава и добитник на специјалната награда за особен придонес во филмската уметност, на 10. јубилејно издание на МФФ „Киненова“ е норвешкиот писател, сценарист и режисер Даг Јохан Хагеруд.

- Градот, карактерот на актерката и пишувањето се трите најважни работи во мојата работа. Локациите ми се многу важни, актерите исто така, прво ги наоѓам актерите, па потоа пишувам за нив. Антрополошки го чувствувам филмот кога почнувам да работам, сакам да ги набљудувам ликовите, релациите меѓу луѓето, да ги почувствувам нивните релации и важна ми е вистината во нивните релации. Мене реaлност не ме интересира многу бидејќи филмската реланост е нешто сосема друго. Филмот, дури и реалноста во филмот не треба секогаш да ја бараме. Мене ме интересира онаа вистина што постои меѓу ликовите, изјавил Хагеруд на денешната прес конференција.

Тој посочил дека за време на снимањето толку добро ги запознава актерите што точно знае кој што може, а кој што не може да направи.

- „Киненова“ се отвора со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ. Се работи за приказната за фантастичната генерација на југословенската кошарка, која во 1991 година во Рим го освои своето последно злато, токму во моментите кога земјата се распаѓаше. Во филмот со свое гледиште настапува златната генерација на која ѝ припаѓаа Дивац, Кукоч, Паспаљ, Раѓа и останатите ведети на југословенската кошарка, која за жал, не го оставри сонот да се сретне со првиот „Дрим тим“ од НБА лигата на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, како можен и посакуван „судар на титаните“, се наведува во соопштението.

Павловиќ изјавил дека мислел оти приказната е фасцинантна и говори многу за настаните во тоа време.

- Кога сфатив дека ЕП се одвиваше во јуни 1991 во исто време и со распадот на земјата се прашував како овие луѓе се чувствувале, сите биле од различни националности. Јас тогаш имав шест години и воопшто не бев свесен за тие настани и сега ова го гледав од дистанца. Немам југоносталгичен однос, но, ми беше интересно како еден тим кој заедно растел го прежувува распадот на тој колектив. Обичните луѓе во такви ситуации се беспомошни. Тие не веруваат дека ќе се случат толку лоши работи, рекол Павловиќ.

Тој потенцирал дека било мошне интересно да се снима со кошаркарите „кои дотогаш воопшто немале можност да дознаат што всушност мисли секој од нив за тоа, некако сите биле од различни националности и не разговарале меѓу себе на таа тема“. бд/нд/

Фото: „Киненова“/Соопштение

Остани поврзан