• среда, 17 јули 2024

Завршува изградбата на резервоар за вода за три села во Карбинци

Завршува изградбата на резервоар за вода за три села во Карбинци

Карбинци, 17 ноември 2023 (МИА) - Три карбински населени места повеќе нема да имаат проблем со водоснабдувањето со завршувањето на изградбата на новиот резервоар во село Таринци, а со тоа и нов цевковод во должина од 1.100 метри, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Тој истакна  дека изградбата е во својата завршна фаза, во следните денови ќе се изврши дезинфекција, по што резервоарот ќе биде ставен во функција.

-Денес официјално го најавувам завршувањето на проектот којшто ќе значи подобрување за водоснабдувањето во населените места Таринци, Балван и Нов Караорман. Ова е проект за изградба на резервоар за вода за пиење во населено место Таринци, којшто е со капацитет од 200 метри кубни вода. Со овој резервоар ќе се подобри квантитетот на вода во овие населени места, односно во оние делови на населените места каде што водата во изминатиов период имаше проблем да стигне до крајните корисници, вели Паунов.

Тој се надева дека конечно општината ќе се приклучи и на ХС „Злетовица“. Филтер-станицата и пристапниот пат веќе одамна се завршени, а Општина Карбинци неколкупати ги правеше и анализите за квалитетот на водата. Со овој проект треба да бидат опфатени осум населени места од општината, а двата проекта значително ќе го подобрат водоснабдувањето на територија на општината.

-Се надевам дека корисниците коишто ќе го користат, а тоа се жителите на Таринци, Долни Балван и Нов Караорман, ќе имаат во следниов период непречено снабдување со вода, затоа што квантитетот на вода веќе ќе биде зголемен двојно од претходно. Во следниов период очекувам и приклучок на филтер-станицата со ХС „Злетовица“ и комплетно овој проект да го заокружиме во 80 отсто од општината и сите оние осум населени места коишто ќе бидат опфатени од тој проект да добијат чиста, здрава и квалитетна вода за пиење, рече Паунов.

Инвестицијата е со вредност од 8,6 милиони денари, а е во соработка на Општина Карбинци со Министерството за транспорт и врски. Инвестицијата на Министерството за транспорт и врски е 7,2 милиони денари, а кофинансирањето на Општината е во висина од 20 отсто, односно 1,4 милиони денари од општинскиот буџет. вдј/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан