• понеделник, 23 декември 2024

Завршува изградбата на првата фаза од пешачките конзоли во Штип

Завршува изградбата на првата фаза од пешачките конзоли во Штип
Штип, 12 јануари 2022 (МИА) - Во завршна фаза е изградбата на конзоли над коритото на река Отиња во Штип, кои овозможуваат проширување на улицата од црквата „Свети Никола“ до гимназијата „Славчо Стојменски“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека наредните неколку денови ќе се работи на финалните градежни работи на тротоарот над коритото на Отиња, по што ќе се постави и заштитна ограда. - Веднаш потоа ќе распишеме јавен повик за доградба на делот од првата фаза на конзолите, кој не влегува во првичниот проект, а тоа е практично пред хотелот „Урбаниста“. За истиот дел ќе распишеме нов тендер за доградба. Според проценките вредноста на овој дел ќе се движи околу три милиони денари, вели Јорданов. Тој најави дека ќе продолжи реализацијата и втората фаза од конзолите од гимназијата „Славчо Стојменски“ до основното училиште „Ванчо Прќе“, а инвестицијата се проценува на 4,5 милиони денари, обезбедени од буџетот на Општина Штип. - Оваа идеја ние, како нова локална власт ја затекнавме, ја реализираме и издвојуваме средства, затоа што е во интерес на градот. Во буџетот за наредната година ќе предвидиме и средства за комплетна реализација на изградба на конзолите до Економскиот факултет. Затоа што гледаме дека ќе имаат корист граѓаните, рече Јорданов. Изградбата на конзоли е сообраќајно решение за централното градско подрачје во Штип, дадено од поранешниот градоначалник Благој Бочварски, а има цел да го реши сообраќајниот хаос на овој дел, бидејќи на оваа улица се наоѓаат речиси сите големи институции, а е и единствена врска со регионалната Клиничка болница во Штип. Со изградбата на конзолите, улицата се проширува, ќе биде за двонасочен сообраќај и на неа ќе има и места за паркинг простор. вдј/сп/

Остани поврзан