• петок, 05 декември 2025

Завршна работилница од проектот за демократско образование во училиштата

Завршна работилница од проектот за демократско образование во училиштата

Скопје, 7 мај 2025 (МИА) - Во рамки на проектот „Квалитетно образование за сите“, имплементиран од Советот на Европа и финансиран од Германија, денеска се одржа завршна работилница „Зајакнување на училиштата за демократско образование - постигнувања и резултати“.

Проектот траеше две години и опфатил 25 основни и средни училишта во државава во кои е спроведено демократското образование. Тие денеска на штандови ги презентираа резултатите од завршените активности. 

Настанот го отвори министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека демократското образование ги запознава учениците со демократските норми и принципи. 

- Тоа значи нивно поактивно учество во целото општество, вклучување во процесите на одлучување, значи носење одлуки, препознавање и толерирање на различностите, градење мостови наспроти нетрпеливост ... Демократијата мора да биде еден од основните столбови на образовниот систем. Образовниот процес е алатка за стекнување вештини и знаења, но мора да насочува и кон критичко размислување, кон развивање одговорност, свесност за човековите права и обврски, кон конструктивност и почитување, истакна Јаневска. 

Како што посочи, се надева дека позитивните искуства на училиштата опфатени со проектот може да придонесат за развој на демократијата меѓу учениците, а одредени сегменти, рече, можеби ќе бидат вклопени и во законската регулатива доколку биде утврдено дека тоа е потребно. 

- Владата е секогаш отворена за соработка и за развојот на образованието добредојдени се сите добронамерни партнери и сме им благодарни, изјави Јаневска.

Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Германија – земјата која го финансира проектот,  во обраќањето истакна дека „демократијата  не е нешто што треба да го земете здраво за готово туку нешто на што треба постојано да работите, да го заштитувате и да го јакнете“. 

Како пример за „непредвидливи демократски процеси“ го посочи вчерашното гласање во Европарламентот кога, како што рече, „првпат кандидатот за германски канцелар не успеа во првиот круг на гласањето на Парламентот и беше потребен втор круг на гласање за да биде потврдена неговата позиција“.

- Мислам дека е ова добар пример за демократски процес – не знаете однапред што ќе се случи. Оваа непредвидливост не значи дека сите, ние или вие, треба да играте улога во демократијата. Напротив, демократијата зависи од активностите, од ангажманот, од вклученоста на граѓаните, на учениците, наставниците, на родителите. Ова учество треба да почне уште во училиштето, истакна Фос на работилницата на која присуствуваа ученици, наставници и директори на училишта.

Порача дека „ако не се вклучи младата генерација, демократијата е во опасност“, посочувајќи дека денес сме соочени со војна во Европа, а демократијата ослабува како резултат на тоа што во некои делови од континентот под закана се слободата на говорот и други основни човекови права. 

Весна Атанасова, раководителка на Одделението за формално и неформално образование на Советот на Европа, истакна дека е горда од, како што рече, прекрасната изложба две години подоцна, на конкретни остварувања на плановите од проектот, и дека тоа покажува посветеност „на реформата и развојот на демократска училишна култура во земјата“.

-Нема да се сопре бројот на  овие 25 училишта, а тие се ресурсни центри на оваа култура и неа треба да ја проширите и да споделите во околината што имате научено.  ... Советот на Европа навистина е посветен на развојот на образованието бидејќи се работи за темелно човечко право ... Но, не е доволно да имате само демократски институции и закони, доколку немаме образовани демократски активни граѓани кои практикуваат демократија. Таа е континуиран процес кој се учи од рана возраст, истакна Атанасова. 

Олег Солдатов, раководител на Канцеларијата на Советот на Европа (СЕ) во Скопје, во својот говор рече дека денеска се слават резултатите од проектот што го спроведува СЕ со, како што рече, многу значајно финансирање од Германија и им честиташе на 25-те училишта за покажаните вештини и знаења од демократското образование.

-Се надеваме дека овие училишта ќе станат модели во земјата за демократско владеење на дело, промовирање на инклузивно учество и соработки. Се надеваме дека овој пристап им овозможи на училиштата да изградат робусен систем кој ќе продолжи натаму во рамки на модулите на обуките коишто се изработени во рамки на овој проект, рече Солдатов. хс/бак/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан