Завршна конференција „Пристап до правда за маргинализирани заедници 2.0“
- Завршна конференција „Пристап до правда за маргинализирани заедници 2.0“ ќе се одржи денеска во Europe House во Скопје на која ќе бидат споделени искуствата од проектот што го спроведуваат Коалицијата Маргини и шведската фондација Квина тил Квини (Kvinna till Kvinna), а кој е финансиран од ЕУ и кофинансиран од Шведска.
Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Завршна конференција „Пристап до правда за маргинализирани заедници 2.0“ ќе се одржи денеска во Europe House во Скопје на која ќе бидат споделени искуствата од проектот што го спроведуваат Коалицијата Маргини и шведската фондација Квина тил Квини (Kvinna till Kvinna), а кој е финансиран од ЕУ и кофинансиран од Шведска.
Конференцијата има за цел да ги собере на едно место експертките, истражувачките и практичарките за да разговараат за актуелните случувања, трендови и предизвици поврзани со пристапот до правдата, особено во контекст на дијалогот за пристапување во ЕУ.
Конференцијата ќе се состои од две панел дискусии и простор за прашања и размена на искуства, со цел обезбедување можности за учење, вмрежување и соработка. Предвидена е дискусија за низа релевантни теми, нудејќи сеопфатно разбирање на различни аспекти на општествените прашања. Присутните може да очекуваат презентации за опипливите ефекти од програмата што обезбедува бесплатни услуги за правна и психо-социјална помош, како и преглед на водениот стратешки случај во рамки на проектот.
Говорничките, се додава, ќе се осврнат и на механизмите на програмите за документирање на случаи на повреда на права на маргинализирани заедници, нудејќи увид преку бројки и набљудување трендови.
-Соработката во граѓанскиот сектор ќе биде истакната како клучен фактор кој придонесува за ефикасноста на програмата. Дополнително, присутните ќе добијат сознанија за искуствата од услугите, успешните случаи, и клучната улога на ангажираноста на младите во раното образование и интервенцијата во однос на родовото насилство, стои во соопштението. вг/мд/
Фото: МИА Архива