• понеделник, 23 декември 2024

Завршна конференција од ЕУ-проектот РЕАД кој поврза пет земји преку книжевноста

Завршна конференција од ЕУ-проектот РЕАД кој поврза пет земји преку книжевноста

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) – Завршна конференција се одржа денеска за проектот „Регионална мрежа за културна разновидност“ – РЕАД, финансиран од Европската Унија, чија цел беше преку културна размена во областа на книжевноста да поврзе пет земји: Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција.

Проектот РЕАД траеше четири години во кои биле доделени 92 грантови на регионални граѓански организации, одржани се 13 изданија на литературни фестивали на кои присуствувале над 450 автори, преведувачи и активисти. 

Како што соопштија организаторите на конференцијата, во рамки на проектот се преведени и промовирани 57 книги, одржани се 39 регионални работилници за млади, 30 автори имале едномесечен резиденцијален престој во една од земјите учесници и повеќе од 15 000 луѓе биле во допир со проектот „READ на тркала”.

Целта на овој регионален ЕУ-проект беше да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот.

Од Гете-институт Скопје информираа дека проектот РЕАД го постигнал токму тоа што вообичаено го прават книгите - отворил нови канали за комуникација меѓу автори во регионот и нови видици за соработки и партнерства на културен план. 

Завршувањето на проектот РЕАД со официјални обраќања го поздравија амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, амбасадорката на СР Германија Петра Дреклсер, раководителката на Гете-институт Скопје Катрин Оствалд-Рихтер и проектниот менаџер Марија Чорбева-Пеновска. 

На конференцијата учествуваа раководителите на партнерите на проектот - Бујар Лума од ЦБЦ „Лоја“ - Северна Македонија, Маја Вуковиќ-Бисерко од „Крокодил“ - Србија, Ирена Точи од Албанија и Мехмет Демирташ од Турција, македонскиот поет Ѓоко Здравески и поетесата Радмила Петровиќ од Србија. 

Дел од темите на конференцијата беа „Вештачката интелигенција и издаваштвото”, „Достапни фондови за финансирање проекти за млади“ и „Зацврстувањето на културата преку соработка на владиниот и невладиниот сектор”. хс/лв/

Фото: Тим на проект РЕАД

 

Остани поврзан