• понеделник, 23 декември 2024

Заврши реконструкцијата на резервоарот за вода во пехчевското село Црник

Заврши реконструкцијата на резервоарот за вода во пехчевското село Црник

Пехчево, 22 март 2023 (МИА) - Во Пехчево заврши реализацијата на проектот за реконструкција на сувата комора на резервоарот во село Црник. Проектот е во вредност од 1,1 милион денари, а финансиските средства, како што информираа од Општината, се обезбедени од страна на Министерството за транспорт и врски, од потпрограмата 11 - Поддршка на имплементацијата на Декада и Стратегија за Ромите за 2022 година.

-Со реализацијата на овој проект, променети се сите фасонски делови во резервоарот, пуштена е во употреба втората комора од резервоарот и поставена е дополнителна опрема за хлорирање на водата. Постојната водоводна арматура и фасонски парчиња беа застарени нефункционални и можеше да дојде до нивно пукање, па затоа истите се заменети со нови, информираа од општина Пехчево.

Село Црник во летните и сушни периоди имаше недостаток на вода и населението остануваше без вода за пиење, но со пуштање во  употреба на втората комора од резервоарот, како што додаде градоначалникот Александар Китански, кој изврши увид во активностите, проблемот со водоснабдување е решен.

-Со реализација на проектот „Реконструкција на сува комора на резервоар во село Црник, Општина Пехчево“ постигната е целта, односно обезбедена е чиста вода за пиење на населението и подобрено е водоснабдувањето на селото, рече Китански.

Со поставената дополнителна опрема за хлорирање на водата, како што дополни, освен што ќе се достигне поголем квалитет на водата ќе се влијае и на уништување на сите факултативно-патогени микроорганизми. вс/вј/

 

Фото: МИА

Остани поврзан