• сабота, 02 ноември 2024

Заврши распитот на пехчевскиот сточар, кој најави тужби за нарушен углед

Заврши распитот на пехчевскиот сточар, кој најави тужби за нарушен углед
Пехчево, 9 февруари 2022 (МИА) - Заврши распитот на сточарот Александар Мачевски од пехчевското Робово, во чиј дом беше објавено видео, кое здружението Анима Мунди го окарактеризира како наводно малтретирање на домашно животно. По распитот Мачевски истакна дека ќе поднесе кривична пријава против здружението и лице од Берово, кое на Фејсбук упатило бројни навреди против него. -Од она што можам да го кажам е дека фокусот на здружението бил кон инспекторот, а не лично кон мене. Сепак со „самото“ инволвирање на моето семејство, е нанесена огромна штета врз нашиот углед, заради што ќе поднесам пријава до Здружението. Дополнително за навреди на лична основа, ќе биде поднесена пријава и против поединец од Берово кој ме навредуваше на социјалните мрежи, истакна Мачевски. Во ек на сезоната за продажба на јагнињата, во домот на сточарот од Робово минатиот петок беше организирана прослава, со изведба на стар обичај кој беше снимен со мобилен телефон. Објавеното видео на социјалните мрежи, Здружението за заштита на животните го окарактеризира како повреда на невино животно, заради што поднесе пријава до надлежните, упатена кон Инспектор за благосостојба на животните кој присуствувал на средбата, но според нив не го заштитил животното. Како што потврди самиот сточар, пријава до здружението ќе следува и од самиот инспектор. Претходно од Анима Мунди истакнаа дека не планираат да му се извинат на Мачевски, повторувајки дека нивниот фокус бил инспекторот на Агенцијата за храна и ветеринарство кој наместо да санкционира, славел, а не самиот овчар. Семејството Мачевски кое со сточарство се занимава од 2006 година, во меѓувреме доби голема поддршка од сточарите од Малешевијата и поширокиот регион, кои застанаа во одбрана на старите сточарски адети. вс/аа/

Остани поврзан