• петок, 05 декември 2025

Заврши изградбата на новиот водовод во дебарското село Могорче

Заврши изградбата на новиот водовод во дебарското село Могорче

Дебар, 25 ноември 2025 (МИА) - Успешно е завршен проектот за изградба на новиот водовод во село Могорче – капитална и долгоочекувана инвестиција која обезбедува стабилно и квалитетно водоснабдување за жителите на ова подрачје, информираа од општинската прес-служба.

Проектот опфати изградба на нова водоводна мрежа во должина од 3.4 километри, која го поврзува природниот извор со двата главни резервоари на селото. Проектот е вреден над 9,9 милиони денари без вклучен ДДВ, средства добиени на првиот повик, од унгарскиот кредит.

Оваа стратешка инвестиција конечно ги решава долгогодишните проблеми со недоволното и нерегуларно водоснабдување на локалното население.

Покрај водоводот, реализирано е и отворање и уредување на планински пат, финансиран од буџетот на општината, кој овозможува пристап на механизацијата за одржување во текот на целата година. Оваа нова инфраструктура значително ќе го олесни и движењето на сточарите и жителите кон планинските подрачја,

-Градоначалникот на Општина Дебар, Фисник Мела, истакнува дека овој проект претставува доказ за континуираната посветеност на општината за подобрување на квалитетот на живот и спроведување на одржливи инвестиции во секое населено место на Дебар, наведуваат од општината.

При денешниот увид, Мела, имаше срдечна средба со жители на селото и порача дека Општина Дебар останува посветена на понатамошен развој на инфраструктурата, модернизација на услугите и создавање подобри услови за сите наши сограѓани. 

Неодамна беше реализиран  проектот за изградба на водовод во должина од 3.2 километри, кој ја снабдува со питка вода населбата „Белешница", во истото село.

Со овој проект се оствари едно долгогодишно барање на жителите на ова најголемо дебарско село, со околу две илјади жители. Вредноста на овој значаен зафат изнесуваше над 1,5 милиони денари, со вклучен ДДВ. вт/сст/
Фото: Општина Дебар

Остани поврзан