Заврши изборот на декани на факултети и академиите на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“
- Во демократска атмосфера и преку тајно гласање членовите на наставно – научните совети на 12 факултети и три Академии на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип гласаа за избор на декани во своите единици, односно факултети. Шест декани добија реизбор, а останатите организации избраа нови раководители на институцијата, додека на Факултет за медицински науки – поради изедначеност во гласањето процедурата за избор на овој факултет ќе продолжи после годишните одмори.
Штип, 4 јули 2025 (МИА) - Во демократска атмосфера и преку тајно гласање членовите на наставно – научните совети на 12 факултети и три Академии на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип гласаа за избор на декани во своите единици, односно факултети. Шест декани добија реизбор, а останатите организации избраа нови раководители на институцијата, додека на Факултет за медицински науки – поради изедначеност во гласањето процедурата за избор на овој факултет ќе продолжи после годишните одмори.
Во соопштението од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип се наведува дека за декани се избрани на Земјоделски факултет – проф. д-р Емилија Арсов, Електротехнички факултет – проф. д-р Тодор Чекеровски, Технолошко – технички факултет – проф. д-р Соња Јордева, потоа на Машински факултет – Сара Сребренковска. Декан на Факултет за информатика е проф. д-р Сашо Коцевски, Факултет за природни и технички науки – проф. д-р Ѓорѓи Димов, на Економски факултет – проф. д-р Марија Гогова, три годишен мандат за декан на Правен Факултет – проф. д-р Билјана Тодорова, Филолошки факултет – проф. д-р Луси Караниколова. Декан на Факултет за образовни науки ќе биде проф. д-р Трајче Стојанов, на Факултет за туризам и бизнис логистика – проф. д-р Наташа Митева, а на Музичка академија – проф. д-р Златка Митева, Ликовна академија – проф. д-р Слободан Милошевски и на Филмска академија – проф. д-р Адријана Данчевска.
Процедурата за избор продолжува со потврдување на изборот од страна на Универзитетскиот сенат и ректорската управа кој ќе се случи следната недела, а примопредавањето на мандатот ќе се случи на 15 септември, до кога и трае мандатот на актуелните декани. Во соопштението се наведува дека постапката за избор на декани ја потврдува посветеноста на УГД на демократските вредности и инклузивност при начинот на носење на одлуки. вдј/сст/
Фото: МИА