• недела, 22 декември 2024

Завршен концерт на фолклорната група ,,Копачка"

Завршен концерт на фолклорната група ,,Копачка

Делчево, 21 декември 2023 (МИА) - Здружението фолклорна група Копачка од с. Драмче, Делчево го одржа завршниот концерт од прославата за одбележување на јубилеите 75 години од основањето на ЗФГ Копачка с. Драмче, Делчево, 20 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита, афирмација и промоција на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како и девет години од впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО. 

Претседателката на ,,Копачка", Перса Стојановска заблагодарувајки им на присутните, рече дека во рамки на завршниот концерт пред нив направена е сликовита низа на промоцијата на самото оро како светско културно наследство.

-Овде на сцената имате можност да ги видите наградите и признанијата од нашите најзначајни настапи, во 75 годишниот опстој, за посликовито да ја доживеете таа долга низа на промоција, негување но и заштита на нашиот пијанечки изворен фолклор, на нашето добро орото „Копачката“ кое што е не само наше пијанечко и национално, македонско туку е и светско добро, добро на УНЕСКО, рече Стојановска.

Ако во првите неколку децении од основањето, орото Копачката и другиот пијанечки изворен фолклор од соборите и веселбите се качуваше на сцените во земјата и странство, сега како што додаде претседателката, групата продолжува со таквите настапи, но и се враќа на собориштата во пијанец меѓу народот.

-Целта е да истражуваме и да дадеме поддршка, орото да остане живо, зашто ова е еден од најважните критериуми ако не и најважен за впишувањето и одржливоста на Копачката во УНЕСКО. Ја користам можноста јавно да се заблагодарам на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска и на Министерството за култура за редовното вклучување во националните програми со што во континуитет во последните 15 години имаме развиено над 60 проекти, чиј автор сум јас, додаде Стојановска.

Претседателката на групата изрази  благодарност и до градоначалникот на Делчево Горан Трајковски, со чија што субвенција како што додаде групата успеала да ги организира и реализира активностите за оваа прослава, но и за други проекти и активности реализирани во минатото. 

Честитајќи им ги значајните датуми Трајковски посака уште долги години орото и групата да опстојува и достојно да го претставува Пијанечкиот фолклор во државата и ширум светот. 

Претходно Фолклорната група Копачка чекорите на најпознатото оро ги презентираше пред министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во центарот на Делчево. Честитајки им го  јубилејот 75 години од формирањето на групата, Костадиновска Стојлевска рече дека како таква ,,Копачката" е чувар на нашето нематеријално културно богатство.

-Копачка е прогласено за културно наследство од особено, исклучително значење во Северна Македонија, а девет години веќе е впишано и на репрезентативната листа на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на човештвото. Поддржувајќи ја фолклорната група Копачка во бројните настапи дома и во светот, комплетирањето и одржувањето на носиите, поддршка на документарни записи, спомен-собите на дедо Митко и на Димитар Узунски, наречен пијанечки Цепенков, ние всушност вложуваме во одржувањето на нашиот културен идентитет, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Министерството за култура како што додаде ѝ стои на располагање на Општина Делчево за проектот „Куќа на културата за Копачката“ да стане реалност и од таму да продолжи традицијата. вс/


Фото: МИА

Остани поврзан