Заборски и Спасеновски ќе настапат на турнир од светската карате лига во Казабланка
- Македонските каратисти Петар Заборски и Петар Спасеновски ќе учествуваат на последниот турнир од Светската карате 1 премиер лига за 2024 година.
Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Македонските каратисти Петар Заборски и Петар Спасеновски ќе учествуваат на последниот турнир од Светската карате 1 премиер лига за 2024 година.
-Членови на Макпетрол се единствените претставници од Македонија што ќе бидат дел од силното натпреварување што во Казабланка ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни. Заборски ќе се бори во категоријата под 75 килограми, додека Спасеновски во таа под 84 килограми, соопштија од КК Макпетрол.
На меѓународниот собир ќе се соочат Топ-32 најдобри индивидуалци од ранг-листата на Светската карате федерација (ВКФ). Пријавени се 381 натпреварувач од 60 земји.
По турнирите во Париз, Анталија и Каиро, најквалитетните светски каратисти во Мароко ќе се борат за медал, но и за престижната титула „севкупен победник“ (Grand Winner) во своите категории.
Според описот од ВКФ, спортистите што прикажале исклучителни вештини и постојани резултати во текот на сезоната ќе бидат прогласени за „севкупни победници“.
Освен на борби за златни, сребрени и бронзени одличја, Казабланка ќе биде домаќин и на специјална гала-церемонија во чест на сите „Grand Winners“. Освојувачите на овие титули во следната сезона од премиер лигата на своите кимона ќе носат златен вез што ќе го симболизира нивниот успех. зс/