• понеделник, 23 декември 2024

Жртвите на семејно насилство се враќаат во насилната средина поради постоење на услуги за заштита само на хартија

Жртвите на семејно насилство се враќаат во насилната средина поради постоење на услуги за заштита само на хартија

Скопје, 10 март 2024 (МИА) – Статистичките податоци на надлежните институции во земјава велат дека семејното насилство е во подем, а се помал број сторители се казнуваат. Од невладините организации за МИА велат дека иако Република Северна Македонија во декември 2017 година ја потпиша и ратификува, а во јуни 2018 година стапи на сила Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство - Истанбулската конвенција, сепак во пракса се уште има низа недоследности во заштитата на жртвите од семејно насилство. 

Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство во изјава за МИА истакнува дека законската рамка е прилично унапредена во последните седум години, но сепак едни од поважните закони што треба да придонесат за подобрување на положбата на жената, се уште не се донесени. Како што вели, не се предвидени и доволно финасии за успешно справување со семејното насилство.

- Во однос на заштитата, сите специјализирани услуги што ги дава државата треба да бидат по определни стандарди на Советот на Европа. На хартија сите услуги постојат, но во пракса има низа недоследности кои покажуваат дека не се целосно функционални овие сервиси за жени. И на крај, она што го покажаа поголем број истражувања, но и нашиот мониторинг на петгодишниот национален Акциски план, дека најмал процент на активности се спроведени на превенцијата. Кампањите што спорадично можеме да ги забележиме во медиумите, а се со цел да се подигне јавната свест, не се доволни да обезбедат целосна превенција, вели Аврамоска-Нушкова.

Нагласува дека иако државата предвиде дека ќе донесе посебна програма за реинтеграција на жртвите на семејно насилство, која опфаќа неколку аспекти како подолгорочна поддршка за домување, финасиска помош, образование и унапредување  за стекнување на нови вештини со цел нивна полесна вработливост, сепак веќе трета година откако е донесен Законот, оваа Програма не е донесена.

Семејното насилство во подем, сторители се сегашни или поранешни партнери, се помал број сторители се казнуваат

Статистичките податоци од Државниот завод за ревизија објавени во март годинава покажуваат дека осум од десет жртви се жени, а девет од десет насилници. Ако бројките на случаи растат, бројките на случаи кои завршиле на суд, паѓаат.

Во 2022 година се бележи алармантен пораст од 61 отсто на примени пријави за семејно насилство во споредба со 2018 година. Од жртвите на семејно насилство – приближно 80 отсто се жени, а 92 отсто од сторителите на семејно насилство се мажи.

-Интимните партнери, сегашни или поранешни, се три отсто од сите сторители. Особено изненадувачки е тоа што во втората најголема група на сторители се синовите, со 16 отсто, се наведува во извештајот.

Според податоците на ДЗР, во 2019 година само 24 отсто од сите пријавени случаи на семејно насилство завршиле на суд. Сторителите биле казнети во само 15 отсто од овие случаи, а само во 36 отсто од случаите била изречена казна затвор. До 2022 година, процентот на сторители на семејно насилство на кои им била изречена казна затвор се намалил на само еден процент.

Според ДЗР, јавната доверба во судскиот систем значително опаднала од 48 отсто во 2020 година на 24 отсто во 2022 година.

Според Аврамоска Нушкова, има пријави за семејно насилство можеби и поради тоа што почесто се зборува за оваа состојба, па жртвите се поинформирани и повеќе знаат каде да се обратат.

-Ако во 2018 година, според МТСП имаме 919 новорегистирани случаи на семејно насилство, веќе во 2021 година оваа бројка е 1.608. Најголем број на пријави се однесуваат на психолошко насилство, а потоа на физичкото насилство како две најпрепознаени форми на насилство. Во однос на пријавите морам да нагласам дека Македонија има многу низок процент на пријавени случаи во споредба со европскиот. Имено, од последното истражување на ОБСЕ за благосостојбата на жените во Македонија добиен е податок дека само два отсто од случаите се пријавуваат и се регистрираат кај нас, додека во Европа овој процент е 14 отсто. Во однос на казнивоста има голем број на пресуди против насилниците во кои се изрекува алтернативна мерка условна осуда и условна осуда со заштитетен надзор, посочува Аврамоска Нушкова. 

Таа потенцира дека мултисекторската соработка меѓу институциите, правилната направена проценка на ризик, како и постапувањето на сите професионалци, ќе го унапреди системот на заштита и ќе ја врати довербата на жртвите во институциите.

-Државните капацитети треба да се насочат кон обуки, јавни трибини за сите професионалци кои работат во институции, пред се за вработените во градинките, училиштата, здравствените работници, јавните обвинители, судиите, вработените во локалните самоуправи, вели таа.

Од ДЗР со препорака да се зајакнат механизмите за заштита на жртвите и да се зголеми бројот на услуги со цел да им се даде поддршка на жртвите, да се изготват ефективни превентивни програми, да се направат отворени, сигурни и унифицирани системи за родово-расчленети податоци во клучните сектори.

Жртвите од семејно насилство се враќаат во насилната средина поради нецелосно функционални сервиси за нивна заштита

Аврамоска Нушкова истакнува дека во државата на хартија постојат сите услуги за заштита на жртвите, но во пракса има низа недоследности кои покажуваат дека не се целосно функционални овие сервиси за жени.

Таа потенцира дека според едно нивно истражување за економските предизвици со кои се соочуваат жените кои ја напуштаат насилната средина, една од клучните причини поради која се враќаат е немањето поддршка од семејството и економската зависност.

-Нашата организација направи едно истражување за економските предизвици со кои се соочуваат жените кои ја напуштаат насилната средина, и по спроведените фокус групи со жени кои преживеале насилство, добивме податок дека повеќето се враќаат од неколку причини. Клучно беше поддршката што ја имаат од нивното семејство (мајка, татко, брат, сестра итн), потоа дали работи или не, дали имаат нивно сопствено живеалиште, дали имаат деца итн. Повеќето кои изјавија дека се вратиле во насилната средина е првично бидејќи немале поддршка од најблиските и/или немаат блиски роднини, дополнително невработеноста или ниските примања и немањето каде да живеат, односно не поседувале имот на нивно име. Сето ова придонесува за економска зависност на жените и нивно враќање кај насилникот, посочува таа.

Каде да пријават и како да се заштитат жртвите од семејно насилство?

Аврамоска Нушкова посочува дека жртвата најпрво треба да е информирана и да ги знае своите права и што може да очекува од институциите. Потенцира дека важно е да ги обезбеди сите свои лични докумети и ствари кои ќе и требаат доколку започне определени постапки против насилникот. 

-Во овој контекст најважно е да знае каде може да пријави и од кого може да побара помош, а тоа е пред се е најблиската полициска станица или надлежниот Центар за социјална работа. Нивната обврска е заеднички да соработуваат и да и ја дадат првичната поддршка на жртвата. Исто така, може да побара помош и од здравствените работници доколку имала ситуација во која морала да добие медициска помош. Во таа насока се прави и проценка на ризик и доколку се констатира дека и е загрозен животот на жртвата и дека има висок ризик по нејзината безбедност се сместува во засолниште (односно шелтер). Важно е да се напомене дека има засолниште за интерветно сместување каде жртвата се сместува на 24/48 часа и засолништа за подолг временски период. Во ова засолниште жртвата се сместува првично на три месеци (со решение од Центарот за социјална работа) и доколку се процени дека се уште има висок ризик по нејзината безбедност се продолжува на уште 3 месеци се до максимум една година. Жртвата мора да знае дека не е сама и не е единствена на која и се случува насилство, потенцира Аврамоска-Нишкова.

Нагласува дека и граѓанските организации се исто така важни во давањето поддршка на жртвите, како и обезбедувањето на сет услуги што и се најпотребни на жртвата согласно нејзините потреби, а пред се придружба до институциија, како и обезбедување на психолошка и правна помош. 

Посочува дека важна улога во заштитата на жртвите од семејно насилство имаат и најблиските од семејството и пријателите. 

Фатиме Фазљији

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан