• петок, 05 декември 2025

Жители на село Разловци ги расчистуваат остатоците од пожарот во кој изгоре имот на семејството Гоцевски

Жители на село Разловци ги расчистуваат остатоците од пожарот во кој изгоре имот на семејството Гоцевски

Делчево, 10 септември 2025 (МИА) – Пожар кој избувна ноќеска околу 2:30 часот во делчевското село Разловци зафати семејна куќа и помошни објекти, сопственост на Николчо Гоцевски. Во пожарот нема повредени лица, а причинета е голема материјална штета.

На местото интервенирала единица на ТППЕ Делчево која веднаш по дојавата првично интервенирала со тројца пожарникари и едно возило, по што дополнително од местото била побарана помош за дополнителна интервенција со уште три возила и седум пожарникари. 

Пожарот, како што информираше командирот на ТППЕ Делчево, Зоран Василевски бил ставен под контрола околу 6:00 часот, а целосното ликвидирање на пожарот се очекува во текот на денот. Во пожарот нема повредени лица, но во него изгоре се што имаше семејството Гоцевски. 

Голем број месно население денеска му помагаше на семејството во расчистување на остатоците од пожарот.  Жителите изјавија дека веќе неколку месеци немаат вода и поради тоа не биле во можност да спасат поголем дел од покуќнината на опожареното семејство. 

Според нив, брзата интервенција на ТППЕ Делчево ги спасила од поголема катастрофа бидејки село Разловци е село од збиен тип поради што лесно можеле да бидат зафатени соседните куќи. 

Засега не е позната причината за пожарот, која допрва ќе се утврдува. вс/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан