• вторник, 05 ноември 2024

Жителите на Крњево и Кале добиваат нов пензионерски клуб

Жителите на Крњево и Кале добиваат нов пензионерски клуб
Скопје, 27 септември 2022(МИА)-Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, заедно со пензионерите од населба Крњево и Кале, денеска го отворија новиот пензионерски дом „Гоце Делчев“ во просториите на ЈП ПОЦ и заедно играа шах, домино и карти, информираат од општина Центар. -Општина Центар постојано ги следи потребите на граѓаните и секогаш се обидува да им излезе во пресрет. Пензионерите од Општина Центар се висок приоритет за нас и затоа ние како локални власти се трудиме да им обезбедиме содржини кои ќе им бидат интересни, места што ќе претставуваат, катче каде ќе се среќаваат, ќе се дружат и квалитетно ќе го поминуваат слободното време, изјави Герасимовски. Од општина Центар посочуваат дека ова е седми пензионерски клуб кој се отвора на територија на општината и втор од ветените три во предизборната кампања на Герасимовски. -Следниот ќе биде отворен близу Универзална сала и со отворањето на тој клуб Општина Центар ќе биде единствената општина која во секоја урбана заедница ќе има пензионерски клуб. Отворањето на овие пензионерски клубови ја покажуваат и нашата грижа и помош за оваа категорија на граѓани, велат од општината. Истакнуваат дека Општината за највозрасните граѓани веќе го спроведува проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ во кој сите возрасни лица со полни 62 години добиваат домашна нега од лиценцирани негуватели, физиотерапевти и психолози. -Овој проект е наменет за 90 корисници жители на општината кои добиваат нега три пати неделно по два часа во текот на цела година. Исто така во соработка со „Банка за храна“ на пензионерите со ниски примања Општина Центар им доделува пакети со храна и хигиенски производи, известуваат од локалната самоуправа, додавајќи дека Општината Центар силно и посветено работи на највозрасните граѓани во општината да им обезбеди безгрижни и мирни пензионерски денови.ир/са/

Остани поврзан