Животните приказни на Братислав Димитров: Трикот на мајстор Боре
- Одамна престанав да читам весници и да гледам телевизија. Причина? Сакам да си умрам од природна смрт. Нема друго чаре. Овој медиумски терор тешко го издржуваат и тибетски говеда, а камоли нашите напатени ем поетски души. Тука ако некому му дадеш пушка, може и да те промаши. Ама ако му дадеш камера, микрофон или страница во весник, „пиши куќи да си пропао“, што би рекле Бугарите. И бидејќи на сите нѝ останаа само по неколку нерви, решив, да не контактирам со фејсбук освен со моите приказни. Заради мое општо добро. Не викам дека сум подобар од другите. Напротив. Мојот случај е уште потежок. Не е проблем кога човек има високо мислење за себе. Проблем е кога ќе открие дека високото мислење не се однесува на него. Тој човек сум јас. И високото мислење беше мое, се до овој момент.
Скопје, 1 декември 2025
Одамна престанав да читам весници и да гледам телевизија. Причина? Сакам да си умрам од природна смрт. Нема друго чаре. Овој медиумски терор тешко го издржуваат и тибетски говеда, а камоли нашите напатени ем поетски души. Тука ако некому му дадеш пушка, може и да те промаши. Ама ако му дадеш камера, микрофон или страница во весник, „пиши куќи да си пропао“, што би рекле Бугарите. И бидејќи на сите нѝ останаа само по неколку нерви, решив, да не контактирам со фејсбук освен со моите приказни. Заради мое општо добро. Не викам дека сум подобар од другите. Напротив. Мојот случај е уште потежок. Не е проблем кога човек има високо мислење за себе. Проблем е кога ќе открие дека високото мислење не се однесува на него. Тој човек сум јас. И високото мислење беше мое, се до овој момент.
Мислев дека сум симпатичен, ама откако сопругата ми го измери притисокот, испадна дека сум тахикардичен. Мислев дека сум патриот, ама после ми открија дека всушност имам слаби нерви. Дружењето со „слободни женски” го сметав како мој придонес за демократијата во Македонија, но ме обвинија дека имам расипана фантазија. Пробав филозофски да пристапам на темава и се обидов да ја допрам својата длабочина, но успеав само да го исчепкам носот. Мислев дека сум трпелив, културен и воспитан, ама кога погледнав во календарот, сфатив дека сум стар. Мислев дека имам богато семејно стебло, но открив дека имам само семејна саксија.
Животот ми стана толку здодевен, што почнав да бројам овци за да останам буден. После сите овие дијагнози, еден ден се разбудив многу мал. Бев толку мал, што морав да се поткачам на прстите, за да плукнам на земја. Тогаш почнав да им завидувам на луѓето со мустаци и брада. Тие среќници постојано имаат една средба помалку со себе. Не мора да се бричат. Бев и на психијатар, ама тој ми напиша „упут” за на бајачка. За жал, најдобрата бајачка од Кучково одамна емигрира во Австралија. Со образложение дека тука не ѝ се исплатува да решава тешки случаи. Таков сум од дете. Бев толку палав, што родителите ме молеа да побегнам од дома.
И додека стојам така сам на балкон и ги глодам последните ковчиња на денот, по околните позлатени сртови гопоѓата ноќ ги прави своите први чекори, во свечен црн фустан под чии длабоки шлицови блеснува бескрајната небесна ликра. И додека спомените за нашето детство летаат наоколу како глуварки на споулавен ветер а денот што заминува ни остава уште една длабока бразда на уморните и осамени чела, донесувам многу животни заклучоци. Ниту еден не ми се бендисува. Постар сум за 24 часа, а не сум попаметен ниту за една минута.
Кога бев копиљ, во сон паѓав од моето креветче на подот и брзо се враќав назад! Во почетокот таа моја ноќна екстраваганција на сите нас нѝ беше забавна и смешна. Но по извесно време, откако ги изброивме сите мои џумки, модрици и рецки, ме пратија кај детски психолог. А тој објасни дека ми требало повеќе внимание. Мама, тато и дада, засилија уште повеќе љубов и симпатија кон мене. Но моите ноќни излети на релацијата кревет-под и обратно не престанаа. Таа ноќ го соборив својот личен рекорд. Паѓав неколку пати повеќе отколку во истиот период минатата ноќ. Следниот ден моето семејство смисли трик. Ми го купија најголемото чоколадо и го ставија душечето на подот до моето креветче. Легнав и заспав. Залудно. Се повтори истата процедура, само во обратна насока. Срипував од подот во креветчето!
Таа далечна и долга година во нашето маало имаше неколку зими истовремено во истиот месец. Сите чешми и пумпи во дворовите смрзнаа заедно со најновата економска реформа позната под стручниот термин „замрзнување на платите”. Татко ми зема од работа аванс и го викна мајстор Боре тишлерот, да го изведе и кај нас новиот технолошки пронајдок познат како „дупли прозорци”. И додека мајстор Боре на научна база му ја објаснуваше борбата на дуплите прозорци со суровата зима, татко ми му го соопшти мојот „мистериозен случај”. Тишлерот ја батали работата со прозорците и почна да се загледува час во мене, час во моето креветче, видно замислен.
Откако ја заврши својата длабинска анализа, конечно нѝ се обрати: „Види го, машала, колкав суртук станал”, ме пофали гласно. „Токму затоа и се секираме”, му се пожали татко ми. „Нема потреба од никаква секирација. Сум имал и потешки случаи”, изјави стручно мајстор Боре. „И сега? Чаре?”, нестрпливо го прашува татко ми. „Ништо. Ќе мора да направиме поголем кревет”. Другиот ден, рано сабајле, татко ми отиде во потрага по жиранти. Некаде околу пладне зема кредит. И пред да падне првиот мрак, ми направија поголем кревет.
Ете така престанав да паѓам од креветчето!
П.С.: А како да престанат нашите морални падови? Жалам, колумнава заврши. Требаше порано да прашаш!