• понеделник, 23 декември 2024

Поликлиниката „Железара“ доби дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди 

Поликлиниката „Железара“ доби дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди 

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Поликлиниката „Железара“ доби нова медицинска опрема. Со средства од Буџетот на Министерството за здравство набавени се дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди.

- Денеска ја промовираме новата медицинска опрема-дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ехо апарат со две сонди, набавен од буџетот на Министерството за здравство во вредност од околу 14 милиони денари, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Дигиталниот мамограф, како што посочи, претставува најсофистицирана опрема што се користи во сите здравствени установи низ светот и важи за современа метода за скрининг на рак на дојка во рана фаза.

- Со цел навремена дијагностика и рано откривање на рак на дојка, продолжува националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка, којашто е бесплатна за пациентките. За наредната година се планира зголемување на бројот на кабинети за скрининг на рак на дојка, согласно утврдените правила и протоколи донесени од страна на Националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојка, подвлече министерот за здравство.

Меџити кажа дека има скрининг амбуланта на Торакална хирургија за пациентки кои имаат направено ехо мамографија, биопсија и потврден хистопатолошки наод и истите директно од доктор специјалист радиолог, може да се упатат во амбулантата на Торакална за одредување на термин за операција.

- Досега оваа можност, доктори специјалисти радиолози ја немаа ниту во дијагностички процедури, нагласи Меџити.

Според Меџити, изминатите месеци интензивно се работи на подобрување на јавните здравствени установи низ целата држава со набавка на нова медицинска опрема, подобрување на условите преку реконструкции, зајакнување на кадарот и набавка на лекови. бд/бак/


Фото: МИА

Остани поврзан