• петок, 22 ноември 2024

ЕЦР објави дека станува трета по бројност пратеничка група во Европарламентот

ЕЦР објави дека станува трета по бројност пратеничка група во Европарламентот

Брисел, 20 јуни 2024 (МИА) – Десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) соопшти дека нејзината пратеничка група во Европскиот парламент станала трета по бројност, откако кон неа пристапиле неколку нови членки, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Според ЕЦР, која е предводена од партијата Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, таа сега има 83 европратеници, со што ја надминува либералната група „Да ја обновиме Европа“, кој е со 80 мандати. 

Меѓу новите членки се кипарскиот ултра националистички Национален народен фронт (ЕЛАМ), социјал-конзервативниот Литвански сојуз на фармери и зелени (ЛВЖС), хрватското националистичко-конзервативно Татковинско движење (ДП), но и националистичката и десно популистичка Алијанса за Унија на Романците (АУР), која има пет европратеници и која е позната по својата евроскептична и антиунгарска реторика. 

Приемот на АУР во ЕЦР, веројатно ги намалува шанси за пристапување кон групата на унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, но и за соработка со Европската народна партија (ЕПП).  

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони, со која разговараше за резултатите од изборите за Европскиот парламент, соопшти портпаролот на Орбан

Тоа што стана трета политичка сила во Европскиот парламент, веројатно ќе ги зголеми амбициите на ЕЦР и пред се на Мелони за добивање на една од врвните позиции во ЕУ. Како најверојатна функција на која „пука“ ЕЦР е висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, која според сегашниот предлог-пакет за распределба на највисоките раководни позиции во блокот треба да ја добие либералната естонска премиерка Каја Калас. 

Во прилог на ваквото тврдење одат и најавите од извори во ФДИ дека Мелони на неформалната средба на европските лидер во понеделникот во Брисел се спротивставила на предложениот пакет на кандидати поради „недостиг на пошироки консултации“, но и дека таа е „особено скептична“ во врска со именувањето на Калас за шеф на европската дипломатија. 

Според истите извори, ваквата скептичност на Мелони не е поврзана со личноста на Калас, туку со „несоодветната политичката застапеност“, бидејќи либералната група со нејзиното именување би добила функција што е „несразмерно висока“ со нејзината бројност. 

Уште од претходно беше објавено дека резерви кон изборот на Калас изразиле и некои други лидери, пред се од редовите на ЕПП, кои побарале од неа да слушнат повеќе во врска со нејзините ставови за надворешната политика, освен само за односите со Русија и војната во Украина.   

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен упати писмо до персоналот на ЕК од понеделник оние кои извршуваат помалку важни функции да работат од дома „онлајн“.

За реизбор на Урсула фон дер Лајен за местото претседателка на Европската комисија на ЕПП ќе и биде потребна поддршка од социјалдемократите и либералите. Фон дер Лајен во текот на кампањата за Евроизборите изјави дека сака да се одржи „про-ЕУ коалицијата“ на ЕПП со социјалдемократите и либералите, но и дека не исклучува и соработка со некои од членките на ЕЦР.  

Можност за соработка со некои „поумерени“ членки на ЕЦР, пред се со ФДИ на Мелони и Граѓанската демократска партија (ОДС) на чешкиот премиер Петр Фиала, не исклучија ни други членови на раководството на ЕПП. Но, од друга страна Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“ отфрлија можност за соработка со ЕЦР, при што извори од редовите на социјалдемократите дури изјавија дека нема „да седнат на иста маса“ со членови на десничарската група, како Мелони. 

Од друга страна Мелони веројатно ќе биде ставена пред изборот да добие некој „важен ресор“ во Европската комисија со поддршка на реизборот на Фон дер Лајен или да го задржи единството на ЕЦР. Позицијата на Мелони дополнително се усложува имајќи предвид дека лидерот на АУР во Европарламентот, Клаудиу Тарзиу веќе најави дека ќе започнат разговори со „партнерите од ЕЦР“, но и со екстремно десничарската група Идентитет и демократија (ИД) за „останување на цврстата линија против втор мандат за г-ѓа фон дер Лајен“. 

Сето ова уште повеќе ја заплеткува разврската околу изборот на носителите на врвните позиции во ЕУ, кој се очекува да се случи на Самитот на ЕУ закажан за следната недела во Брисел.  сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан