• среда, 18 декември 2024

Ефтимов: Состојбата во затворите е сериозна, потребни се итни реформи

Ефтимов: Состојбата во затворите е сериозна, потребни се итни реформи

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) – Државниот секретар, Дајанчо Ефтимов, на тркалезната маса организирана од Советот на Европа вчера во Скопје ги истакна предизвиците со кои се соочуваат затворските установи и неопходноста од реформи за подобра ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица. 

Како што пренесуваат од Министерството за правда, во своето обраќање Ефтимов нагласил дека состојбата е сериозна и дека е потребен голем труд и посветеност за воспоставување правда и правна сигурност. 

- Состојбата е сериозна и ние сме свесни дека е потребно навистина многу голем труд и посветеност. Мора да воспоставиме правда и правна сигурност, да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава, и дека сите ние заедно сме подготвени да градиме подобра иднина за нашата држава. Реформите во затворскиот систем се повеќе од потребни и Министерството за правда и јас како државен секретар, со големо внимание ги следиме сите забелешки од Комитетот за заштита од тортура нотирани во Извештаите, бидејќи тие се потребен и се неопходен коректив во нашиот стремеж за достигнување на развиените системи на Европските држави, посочил Ефтимов.

Тој подвлекол дека нотираните забелешки во Извештајот од Комитетот за заштита од тортура се сфаќаат многу сериозно и во иднина ќе се работи на нивно отстранување.

- Нашата работа допрва почнува и мора да бидеме максимално посветени, затоа што иднината зависи од нас. Нема да се лажеме дека ќе биде лесно. Нема да биде лесно. Од нас се очекува зрелост и сериозна посветеност. Да се држиме до планот за развој и да се бориме искрено, чесно, одговорно, – тогаш успехот ќе биде неизбежен и промените ќе бидат видливи, порачал Ефтимов. ар/аа/
Фото: Министерство за правда

Остани поврзан