• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕУ одобри 1,6 милијарди евра помош за Палестинците и 258 милиони евра за Африка 

ЕУ одобри 1,6 милијарди евра помош за Палестинците и 258 милиони евра за Африка 

Брисел, 14 април 2025 (МИА) - Во пресрет на првиот политички дијалог на високо ниво меѓу Европската Унија и Палестинската управа, што ќе се одржи попладнево во Луксембург, Еврокомисијата предложи Програма за сеопфатна поддршка и поттик на закрепнувањето и издржливоста на Палестинците, вредна 1,6 милијарди евра, за периодот од 2025 до 2027 година. 

Со оваа програма, според ЕК, се потврдува непоколеблива поддршка на ЕУ за палестинскиот народ и заложбата за воспоставување траен и одржлив мир во регионот заснован на решението за две држави. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас истакна дека ЕУ е решена да ја поддржи Палестинската управа во нејзините реформски напори, а ова Програма ќе ја зајакне нејзината способност да ги задоволи потребите на палестинскиот народ на Западниот Брег и да се подготви за повторно преземање на управата врз Појасот Газа, штом тоа го дозволат условите.  

- Сеопфатната програма за Палестина е дизајнирана да промовира поголема палестинска контрола, автономија и капацитет. ЕУ останува цврсто посветена на решението за две држави, како единствен начин да се постигне одржлив мир и безбедност за Израел, за Палестинците и за регионот, истакна Калас. 

Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица истакна дека Програмата има за цел да го поддржи палестинскиот народ во неговите напори за изградба на одржлива иднина.  

- Сакаме да го подобриме управувањето, економското закрепнување и да го поттикнеме растот на локалните бизниси од приватниот сектор. Една функционална и реформирана Палестинска управа мора да игра централна улога во постконфликтното управување со Газа, порача Шуица. 

Според неа, оваа програма има за цел и да обезбеди дека меѓународната поддршка ќе биде усогласена, ефикасна и приспособена на потребите на Палестинците. 

Од вкупните средства, околу 620 милиони евра ќе бидат во форма на грантови за директна помош на буџетот на Палестинската управа, наменети за реформи во фискална одржливост, демократско владеење, развојот на приватниот сектор и на јавната инфраструктура и услуги, што треба да придонесе за „одржлива изградба на држава на палестинските територии“.  

Околу 576 милиони евра, исто така во форма на грантови, ќе бидат наменети за реализација на конкретни проекти за поттикнување на економското закрепнување и стабилизација на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Газа, вклучувајќи и обнова на водоводната, енергетската и останатата инфраструктура. Од овие средства, 82 милиони евра годишно ќе бидат наменети за поддршка на активностите на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА). 

Преостанатите околу 400 милиони евра од Програмата ќе бидат обезбедени преку Европската инвестициска банка (ЕИБ) во форма на заеми за финансиска поддршка на палестинскиот приватен сектор. 

Дополнително, Комисијата ќе лансира и посебна донаторска платформа преку која Палестинската управа ќе го презентира спроведувањето на својата реформска агенда и ќе обезбеди целосна транспарентност во спроведувањето на Програмата.  

Паралелно со ова, ЕК издвои и 258 милиони евра хуманитарна помош за задоволување на итните потреби на лицата погодени од кризите во реонот на Рог на Африка, како и во западните и централните делови на африканскиот континент. 

Од оваа сума, 107,5 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на луѓе во регионот на Рогот на Африка, погодени од конфликтите и природните непогоди, поради што се принудени на раселување и се соочуваат со недостиг на храна и основни услуги. Комисијата посочува дека итна хуманитарна помош им е потребна на речиси 70 милиони луѓе во овој дел на Африка, вклучително и во Судан, што претставува на една петтина од вкупното светско население кое имаат потреба од помош. 

Останатите 150,6 милиони евра ќе бидат наменети за хуманитарен одговор на потребите на луѓето во земјите од Западна и Централна Африка, директно погодени од тековната несигурност и конфликти во крајбрежните региони на овој дел од континентот и во централен Сахел. Овие средства, меѓу другото, ќе бидат наменети за обезбедување храна, здравствена заштита, вода, санитарни услови и образование.  

Со денеска одобрената сума од 258 милиони евра, вкупната хуманитарна поддршка на ЕУ за Африка во 2025 година ќе достигне 750 милиони евра. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан