• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕУ дефинира заеднички правила за контрола на извозот на воена технологија и опрема 

ЕУ дефинира заеднички правила за контрола на извозот на воена технологија и опрема 

Брисел, 14 април 2025 (МИА) - Советот за надворешни работи на ЕУ денеска го заврши прегледот на Рамката за контрола на извозот на оружје, со усвојување Одлука за измена на неговата Позиција со која се дефинираат заедничките правила за контрола на извозот на воена технологија и опрема, како и со одобрување заклучоци за ова прашање. 

- Заклучоците на Советот за контрола на извозот на оружје ја потврдуваат посветеноста на ЕУ за одговорна и транспарентна трговија со оружје, за спречување на пренасочувањето на оружјето на терористи, криминалци и други неовластени корисници и за градење конвергенција на националните политики за извоз на оружје на земјите членки во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика, соопшти Советот на ЕУ. 

Во документот се изразува посветеност на продолжување на напорите на ЕУ за промоција на универзално и ефикасно спроведување на Договорот за трговија со оружје (ATT) и се повикуваат државите кои се уште не го сториле тоа, да ја прифатат или да ја ратификуваат оваа спогодба. 

- Заклучоците, исто така, поставуваат агенда за работата во Советот во наредните години за елементите што ја поддржуваат одговорната трговија со воена технологија и опрема, како што се следење на опремата, верификација и мониторинг на крајниот корисник, олеснување на извозот на опрема заеднички развиена во ЕУ или контроли на нематеријални трансфери на технологија и поддршка на заедничкото градење капацитети, се додава во соопштението. 

Советот на ЕУ редовно ги ажурира своите правила за контрола на извозот на оружје. Денешниот преглед се надоврзува на заклучоците на Советот од 16 септември 2019 година, а сегашните заклучоци ја регулираат временската рамка до следното разгледување во 2030 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан