• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ да го исполни солунското ветување од 2003 година, местото на Западен Балкан е во Унијата

ЕУ да го исполни солунското ветување од 2003 година, местото на Западен Балкан е во Унијата
Атина, 16 септември 2021 (МИА) - На солунската агенда од 2003 година за европската перспектива на Западен Балкан, на ветувањето на ЕУ за државите од регионот, но и на вклучувањето на балканските земји во дискусијата за иднината на Европа, се осврнаа учесниците на конференцијата „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“ што вчера се одржа во Солун, јави дописничката на МИА од Атина. Настанот беше организиран од алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, а  заклучокот на претставниците од шесте балкански земји, заедно со Словенија како претседавач со ЕУ и Грција како домаќин беше дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија. Заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, вршителот на должноста заменик- министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, државниот секретар од словенечкото МНР, заменик- министерката за европски и надворешни работи на Албанија, заменик- премиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, вршителот на должност министер за европски интеграции на Србија, шефот на црногорската дипломатија и домаќинот, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, на заедничката прес - конференција рекоа дека имале плодна, отворена и искрена дискусија, која беше од затворен тип. Вицепремиерот Димитров по состанокот рече дека „за Грција и за многу други земји членки, но не за сите, јасно е дека овој регион е дел од Европа“. Објаснувајќи ја ситуацијата со европската перспектива на Западен Балкан, Европската унија ја спореди со куќа во која има соба, но без вода, без електрична енергија и без греење и истакна дека ќе страда и куќата, а не само собата. Истакна дека во контекст на дебатата во Солун, градот има важна симболика за целиот Балконот, кога пред 18 години „под грчкото претседателство, Советот им даде ветување на народите на Балканот дека нивната иднина е во Европската Унија“. Додаде дека потребно е ова да се случи за да се врати вербата, но и кредибилитетот, потенцирајќи дека за да се врати довербата од Солун, потребно е лидерство како она што го покажаа Грција и Словенија, со тоа што ги поканија земјите од регионот да разговараат за иднината на Европа. -Благодарен сум им на Грција и на грчката Влада за ова лидерството и за поддршката и мислам дека тоа кажува дека земјата со која ги делиме границите, а Грција се граничи со други земји кандидатки, ја дели оваа визија за заедничка европска иднина, истакна вицепремиерот. Димитров уште еднаш ја повтори фразата на грчки јазик од неговата последна посета на Грција дека „сега е време“ да се почне со напредок во европскиот пристап на регионот. -Многу долго чекавме, работевме напорно, го заслуживме тоа и признавањето на тој напредок ќе служи како и инспирација за многу други и мислам дека ќе биде добар чекор за враќање на кредибилитетот од солунското ветување, порача Димитров. Домаќинот на конференцијата, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитадис Варвициотис рече дека за нив, ЕУ перспективата на Западен Балкан „не е прашање на дебата, туку прашање на време и тоа да треба да се случи колку е можно побргу и треба да ги вклучиме гласовите на луѓето од Западен Балкан во дијалогот за нашата заедничка иднина“. Варвициотис ја повтори посветеноста на Грција за ЕУ перспективата на регионот, рече дека секогаш на ум го имаат солунскиот процес од 2003 година за да се финализира „географското единство на Европската Унија“. Словенија како земја претседавач со Европската Унија беше поканета на конференцијата, а државниот секретар од словенечкото МНР Гашпер Довжан истакна дека тие се подготвени за олеснување на процесот за членство на земјите од регионот во ЕУ, за тоа да се случи што е можно поскоро. Истакна дека за Словенија, Западен Балкан секогаш бил важен регион, а „сите знаеме дека ако Европа сака да биде глобален, посилен играч тоа би било можно само кога ЕУ ќе ги интегрира партнерите од Западен Балкан“. Порача дека до крајот на оваа година, земјата, како претседавач со Унијата, ќе ја користи секоја можност за да ја олесни соработката меѓу ЕУ и партнерите од Западен Балкан во повеќе области, односно кога станува збор за заеднички предизвици, како што се безбедноста, нелегалната миграција, животната средина, поврзаноста, но и справување со економските последици од пандемијата. Паралелно, посочи дека во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, важно е да се слушнат и гласовите на Западен Балкан. Ставот дека и Западниот Балкан треба да биде дел од дискусијата за иднината на Европа, но и дека местото на регионот  е во Европската Унија, го изразија и останатите учесници на конференцијата во Солун. Вршителот на должноста заменик- министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бакир Садовиќ се осврна на солунската агенда од 2003 година, рече дека речиси 20 години подоцна, преку вчерашната конференција земјите од регионот даваат свој придонес во дискусијата што се води за иднината на Европа и Европската Унија и истакна дека „солунскиот дух е жив меѓу нашите пријатели“. Заменик- министерката за европски и надворешни работи на Албанија Меги Фино, спомена дека пред речиси 20 години од Солун, на „земјите од Западен Балкан им беше дадена јасна ЕУ перспектива“ и додаде дека проширувањето Унијата е од стратешки интерес на ЕУ. За посветеноста на Грција како во промовирање регионалната соработка „без никој да биде исклучен“ и за приближување на регионот до интеграција во ЕУ, говореше заменик-премиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц. Вршителот на должност министер за европски интеграции на Србија Мирослав Гачевиќ, во име на надлежната министерка се задржа на интересот на Србија за учеството преку идеи и предлози во дискусијата за иднината на Европа, додавајќи дека сите ќе имаат придобивки од вклучувањето на Западен Балкан во работата на конференцијата бидејќи значително ќе го зголеми чувството на земјите од регионот дека припаѓаат во европскиот простор. Со сличен став беше и шефот на црногорската дипломатија  Џорџе Радуловиќ, кој рече дека учеството во конференцијата за иднината на Европа на земјите кандидати е важно и поради тоа што конференцијата може да биде значајна политичка алатка за стимулирање на динамиката на процесот на проширување. Грција се надева дека набргу ќе биде свикана првата меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија Неколку часа пред почетокот на конференцијата во Солун, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану, одржа  брифинг со новинарите, а меѓу другото, говореше и за европската перспектива, како на регионот, така и на Северна Македонија. Изрази поддршка за интеграцијата на нашата земја во Европската Унија, а изрази и надеж дека набргу ќе биде свикана првата меѓувладина конференција ЕУ - Северна Македонија, рече дека интеграцијата на Западен Балкан, за Атина, е пат  во една насока, бидејќи е „во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот, како на регионот, така и на Грција“. Истакна дека континуирано и интензивно работат, заедно со други земји членки на Унијата, како што се Романија, поранешната земја претседавач Португалија и сегашната земја претседавач Словенија за зајакнување на европската перспектива на Западен Балкан. Говорејќи за посетата на шефот на грчката дипломатија на Скопје, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција рече дека детално беа разгледани билатералните односи во целина, како и перспективите за нивно дополнително зајакнување, а станало збор и за „целосно, доследно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа како неопходен предуслов и за зајакнување билатералните односи и за европската перспектива на земјата“. -И за време на посетата на Северна Македонија, Дендиас, јасно повтори дека ја поддржуваме европската перспектива. Тоа беше една од основните теми за кои Дендиас разговараше со сите негови соговорници во Скопје. Секако, рековме дека ние сме подготвени да продолжиме да ѝ помагаме и ѝ да нудиме на Северна Македонија било каква техничка помош во нејзината европска перспектива. Ова е нешто што со задоволство беше прифатено од Северна Македонија. Им рековме дека сме на ваша страна, сакаме да ви помогнеме, да продолжиме со помошта која е од 2012 година, рече Папајоану, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина. ср/дма/

Остани поврзан